Македонскиот институт за медиуми (МИМ) денеска ги додели наградите од конкурсот за најдобра истражувачка сторија „Никола Младенов“ за 2012 година.
Првонагрaден е тимот новинари од ТВ Алфа – Љубиша Арсиќ, Пандорче Антеска и Бојан Стојановски за серијата прилози на тема „Вработувања по партиски список“. Втората награда ја доби Дејан Азески за текстовите на тема „Масовното иселување од Македонија“ од Капитал, а третото место го делеа Кристина Озимац за темата „Каде испарија 635.000 евра од тендерот ИЗИС“ објавени во Фокус и Теофил Блажески за сторијата „Решавањето на сметот бара знаење и пари – сто милиони евра за отпад“ објавени во „Граѓански“.
Пофалници за истражувачките стории добија Томислав Кежаровски и Саше Димовски за стории објавени во Нова Македонија односно во Фокус.
Директорката на МИМ Билјана Петковска забележа дека на конкурсот доминирале печатените медиуми, а радио материјали не биле пријавени.
– Жири комисијата оцени дека повеќето стории покренуваат исклучително важни прашања и проблеми поткрепени со бројни аргументи и сознанија, но во најголем број случаи новинарите не ги туркаат до крај темите и остануваат некомплетни, рече Петковска.
Годинава конкурирале 18 автори со 28 стории обработени во 65 текстови и ТВ прилози што беа објавени во печатените и електронските медиуми во текот на минатата година.
Наградата се доделува по 12-ти пат, а од оваа година МИМ одлучи да го носи името на новинарот и сопственик на „Фокус“ Никола Младенов, кој загина во сообраќајна несреќа.