Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу денеска во Арачиново присуствуваше на доделување дипломи на третата генерација кандидати кои што успешно ја завршија четиригодишната образовна програма од економско-правна и техничка насока.
Како што информира МОН, активноста се реализира преку „Проектот за заокружување на средното стручно образование за возрасни“ кој е организиран од Центарот за образование на возрасни.
Министерот Лутфиу во своето обраќање истакна дека преку проектот, за некои од кандидатите ќе се создадат можности за унапредување на нивните работни места, додека на другите ќе им биде полесно да конкурираат и да се вработат.
– Министерството за образование и наука не застанува тука со овој проект, тој ќе продолжи и понатаму со проширување насекаде каде што има потреба за образование и професионален развој за сите кандидати кои имаат потреба и желба, изјави Лутфиу.
Со проектот се овозможува унапредување на образовниот статус на сите оние кои од објективни причини во вистинско време не можеле да го продолжат своето образование. Освен образовна, проектот има за цел и да се намали невработеноста, односно полесно наоѓање на работа и зголемување на конкуренцијата на пазарот на труд со квалификуван кадар.