Додека Кривичен го оправа правото, еден месец нема мерки за осомничениот судија Шахини

Од:

Кривичниот суд во Скопје сè уште не одлучил за предлогот на Обвинителството за гонење организиран криминал и коруцпија да му биде определена забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело и остварување контакти и врски со определени лица на осомничениот управен судија Мустафа Шахини. Обвинителството е речиси 1 месец со врзани раце и не може во целост да ги добие од судот бараните мерки за осомничениот судија.

Од Кривичниот суд, пак, очекуваат за времената мерка да се произнесе Судскиот совет. Членови од Советот се децидни дека за времена мерка судот може да одлучува без согласност на ова тело, бидејќи имунитетот на судијата Шахини веќе му е симнат.

„А1 он“ разговараше со претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев. Тој појасни дека Советот веќе донел одлука за да му се одземе имунитетот на судијата, но дека не може да се впушта во барањата на Обвинителството до судот за конкретниот случај.

„Судскиот совет не е суд. Ние не можеме да се впуштаме во тоа. Тоа не е во надлежност на Судскиот совет“, рече Здравев. Претседателот на Советот објасни дека имаат надллежност за суспендирање судија со постапка во Законот за Судскиот совет. Но, во случајов станува збор за времена мерка, а не за суспензија.

Здравев рече дека се сложува оти судот, а не Судскиот совет одлучува за притворот на судијата, но дека во законското решение нив им е оставена обврската да даваат согласност за притворање.

Судскиот совет одлучува за утврдување одговорност на судија и претседател на суд, за одземање имунитет на судија, по барање за одобрување притвор на судија и за времено оддалечување на судија од вршење на судиската функција. Судијата може да се разреши поради сторена потешка дисциплинска повреда пропишана со закон што го прави недостоен за вршење на судиската функција и поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за истрага против судијата Мустафа Шахини од Управниот суд во Скопје за злоупотреби со предмет за денационализација на имот на брегот на охридското Езеро во Струга, со кои државата ја оштетил за над 200 илјади евра.

Осомничениот судија претходно бил адвокат и ги застапувал интересите по барање за денационализација на две лица, на чиј правен претходник му бил определен и исплатен надомест за земјиштето што било предмет на барањето за денационализација. Во меѓувреме, осомничениот Шахини бил избран за судија на Управниот суд.

„Во септември 2018 година за предметот за денационализација по кој постапувал во својство на адвокат, до Управниот суд била поднесена тужба, а тој ја земал во работа, злоупотребувајќи ја својата положба и овластување, иако знаел дека како поранешен застапник (адвокат) на тужителите, не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата. Осомничениот не ја прекинал работата врз предметот и не го известил претседателот на Управниот Суд. Натаму, постапувајќи по предметот, иако поднесената тужба била неуредна, не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту ја отфрлил, туку продолжил да постапува. Со тоа оневозможил Државното правобранителство на РСМ кој е адвокат на државата, како заинтересирано лице да се вклучи во управниот спор и да презема мерки и правни средства за правна заштита на имотните права и интереси на Република Северна Македонија, пишува во соопштението на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Како претседател на советот, судијата Шахини учествувал во донесување пресуда со која спротивно на одредбите од Законот за води, Законот за заштита на Охридското, Дојранското и Преспанското езеро, Законот за денационализација и Законот за управните спорови, недвижниот имот – градежно неизградено земјиште во Струга, било вратено во приватна сопственост на барателите кои претходно биле негови клиенти.

Спорниот имот е обезбеден со решение на Основниот суд во Струга со кое е изречена привремена мерка – забрана за отуѓување. Шахини е избран за судија на Управниот суд во 2007 година.

Би можело да ве интересира

Антикорупциска повторно реагира за назначувањето на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители: Законите важат подеднакво за сите

Судскиот совет ја промени ранг листата за избор на судии за Апелационен суд Битола

Филков: Измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се клучни за патот кон ЕУ

ДКСК поднесе иницијатива за дисциплинска постапка против член на Судскиот совет

Горан Наумовски

Лидија Георгиевска избрана за претседателка на Вишиот управен суд

Петрушевски: Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со упадот во Академијата за судии и јавни обвинители уште еднаш покажаа зошто народот нема доверба во правосудството