Добрососедските односи се прв приоритет на МНР во следниот четиригодишен мандат

Од:

Односите со соседите за стабилно и долгорочно пријателство, финализација на преговорите со ЕУ и поставување на систем за политичко водење на преговорите согласно новата методологија, учество во регионалната стабилност како искрен и стабилен партнер на САД и ЕУ, ревитализација и засилување на економската дипломатија согласно економските приоритети на Владата и вклучување на дијаспората и активна поддршка на мултилатерализмот, подигнување на присуство на мултилатералните организации како придонес кон светската стабилност и градење на меѓународната позиција и угледот на Република Северна Македонија се приоритетите на надворешната политика во наредниот четиригодишен мандат.

– Досега постигнатите резултати ја детерминираат сегашноста, ги определуваат околностите во кои почнува со работа новата Влада и со тоа претставуваат основниот импут на којшто се темелат приоритетите и насоките за мандатот што претстои и нашите амбиции за наредните четири години, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференција во Министерството, каде ги образложи приоритетите на кои ќе работи во новиот мандат.

Прв приоритет, како што нагласи Османи, се добрососедските односи кои влегуваат во нова фаза од нашиот севкупен политички и општествен развој.

– Додека бев вицепремиер за европски прашања користев една изрека која што во СЕП беше испишана на едно пано на сите јазици од регионот и оди вака: „Убаво е да имаш добри соседи, но вистинска победа е да ги имаш за пријатели“. Денес откако практично ги затворивме или можеби подобро во поактуелен контекст ги врамивме сите отворени прашања со соседите пред нас е отвора предизвикот да го преминеме скалилото на добрососедство, да ги отвориме можностите на длабоко и долгорочно пријателство, рече Османи, посочувајќи дека за таа цел преку имплементација на обврските од Договорот за добрососедство со Бугарија и Договорот за стратешко партнерство со Грција како приоритет во наредниот мандат предвидуваат и бројни конкретни проекти.

Во соработка со надлежните институции и Владата, потенцира тој, да се реализира амбицијата за отворање шест нови гранични премини со соседите, формирање на канцеларии за младинска соработка меѓу земјава и Грција кои ќе овозможат размена на искуства и поврзување на младите од двете земји и силна посветеност кон суштински придонес на Берлинскиот процес, како проект кој треба да се реализира во првите 100 дена од новата Влада во рамките на заедничкото копретседавање со Самитот во Софија на 10 ноември.

– Токму актуелните предизвици во односите со Бугарија покажуваат дека добрососедските односи никогаш не се завршена работа, туку на нив мора постојано да се работи, да се негуваат затоа што тоа е еден од најважните услови за создавање и одржување на долгорочно пријателство. Токму затоа навистина е логично во претстојниот мандат не само да ги задржиме, туку и да ги интензивираме релациите, да ја засилиме комуникацијата буквално со сите соседи и да ги зацврстиме темелите на кои ќе го изградиме нашето стабилно и долгорочно пријателство, посочи Османи.

Додаде дека како земја на која меѓународната заедница и посвети многу внимание изминатиов период, имаме обврска да вратиме со позитивен придонес и во создавањето на вкупната регионална стабилност.

– Во регионот се уште има отворени прашања коишто не засегаат сите нас, а претставуваат и важен меѓународен приоритет особено на нашите партнери. Ние мора да преземеме обврска дека ќе бидеме стабилни партнери на ЕУ и на САД на Балканот. Земја на која може да се потпрат во имплементацијата и промоцијата на регионалната стабилност. За таа цел, покрај активниот придонес во регионалните иницијативи предвидуваме создавање и на наша автентична иницијатива – Регионален центар за дијалог т.н. Преспа форум кој ќе биде платформа за добрососедство и решавање на билатералните прашања, но и форум од каде ќе произлезат нови иницијативи за регионална соработка, соопшти Османи.

Според него имаме обврска и да го започнеме процесот на дебалканизација, а како посебен приоритет го наведе и нашето интегрирање во ЕУ.

– Во првите сто дена фокусот на надворешната политика е заокружување на преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција или формалниот старт на преговорите. За тоа се ставени сите капацитети во погон и дозволете да изразам задоволство од работата на нашите дипломати, на нашите претставници кои во ниту еден момент не дозволија нашата приказна да остане неискажана, аргументите необјаснети и заклучокот дека во моментот земјата има силна поддршка од партнерите меѓу земјите членки на ЕУ за надминување на сите можни предизвици во пресрет на почетокот на преговорите, нагласи Османи.

Новата методологија за преговорите, како што посочи, предвидува засилено билатерално присуство и надзор не само на ЕК, туку и на секоја земја членка посебно. Една од клучните промени, вели тој, е токму политичкото водство или предводење на процесот на преговори каде најголемиот товар паѓа врз МНР. Во рамките на овој процес, како што информира, ќе се воспостави систем на еден вид рано предупредување за можните критични точки во преговорите како во Брисел, така и меѓу земјите членки со што на Владата ќе и обезбедат простор за навремено антиципирање на самите предизвици во преговорите.

– Самите преговори создаваат една политичка предвидливост и стабилност со што пред нас се отвора и нова можност за засилување на економската дипломатија. Со тоа МНР ќе добие и една практична, повидлива, еве да кажеме и директно поисплатлива улога во севкупната државна политика, потенцира Османи.

Во МНР, како што информира, веќе почнале да работат на оформување на проект за ревитализација на економската дипломатија и во текот на првите сто дена, вели, ќе излезат и со предлог до Владата за реализација на оваа идеја за чија цел се предвидени конкретни проекти – национална стратегија за соработка со дијаспората и финансиска поддршка за проекти од дијаспората при што финансиската поддршка од државата за почетни инвестициски вложувања споредбено со домашните и странските инвеститори за инвеститорите од дијаспората да биде поголема за 10 проценти. Предвидено е и воспоставување на мрежа на наши успешни државјани во странство кои ќе ги повикаат да помогнат во нашите напори за промоција на државата, таргетирана промоција на економските, културните и туристичките потенцијали – земја на можности со акцент на новите успеси во културата, активен придонес во оформување на стратегијата за поефикасно искористување на потенцијалите за билатерална помош од нашите меѓународни пријатели.

– Членството во НАТО и почетокот на преговорите се и пресвртна точка за меѓународната позиција на земјата, точка од која земјата понатаму има обврска да преземе поодговорна улога во меѓународните односи рамо до рамо со своите сојузници и партнери. Тоа бара квалитативно нов ангажман на нашата дипломатија во меѓународните организации. Во рамките на мултилатералните организации како што се пред се ОН, ОБСЕ, Совет на Европа, УНЕСКО при адресирање на глобалните предизвици ние ќе ги претставиме нашите сопствени позитивни искуства посебно на моделот на меѓуетничките односи и добрососедството кои добија широко признание во изминатиот период, рече Османи.

Додаде дека светот, особено САД, НАТО и сојузниците од ЕУ очекуваат проактивност од наша страна и во негување на мултилатерализмот и во поддршка за справување со светските глобални предизвици, климатските промени, миграциите, насилниот екстремизам или, пак, ризикот кој го создаваат пандемиите.

– Токму во оваа насока ќе го засилиме и нашето присуство во мултилатералните организации со што соодветно ќе придонесеме и во изградба на светскиот мир и стабилност, но ќе ја градиме репутацијата на Република Северна Македонија како стабилен меѓународен партнер, заклучи Османи.

Би можело да ве интересира

МНР ќе упати порака за претпазливост до македонските државјани во Израел, нема нови барања за евакуација

Османи: Никогаш не сме биле поблиску до Трета светска војна

Орце Костов

МНР формираше кризен штаб: Македонските државјани може да заминат од Израел само преку аеродромот во Тел Авив

Орце Костов

МНР апелира да се избегнуваат патувања во Израел и регионот

Македонската амбасадорка итно повикана во бугарското МНР: „Лажни се изјавите на македонските политичари“

Орце Костов

МНР го осуди нападот врз цивилите во Газа: Ова е кршење на меѓународното право

Орце Костов