Безбедноста во производите од месо се зголемува на природен начин со употреба на лактобацили, микроорганизми кои потекнуваат од месото, а производителите имаат можност да ги исполнат барањата на потрошувачите за поприродни, поздрави и вкусни производи од месо.
Ова денеска беше истакнато на панел дискусија на тема „Добрите микроорганизми ја зголемуваат безбедноста на производите од месо“ во организација на компанијата „Кристијан Хансен“ од Данска на која беа презентирани нивни производи на природна база за безбедно чување на месото.
Јирген Швинг од „Кр.Хансен“ говореше за примената на биопротективните култури при што даде различни примери од глобалниот пазар, како може да се направи напредок во оваа сфера што ќе значи подобри и побезбедни производи. Во неговата презентација тој информираше за европското законодавство и одредбите коишто треба да се следат и почитуваат, а исто така и одредени примери на производи кои имаат т.н. чиста етикета.
– Се работи за природен начин за безбедна храна. Тие микроорганизми се природни што би ја заштитиле храната, а бактериите се безбедна состојка на храната. Бактериите кои „Кристијан Хансен“ ги произведува се есхренирани од самото месо, кои се проверени дека се безбедни и кои понатаму се аплицираат во производите за да се добие побезбеден производ, информира Швинг.
Професорот Златко Пејковски од Катедрата за месо при Факултетот за земјоделски науки и храна ги презентираше резултатите кои тие ги извршиле со апликација на овие култури во индустриски услови на производство.
– Прво беше применето во производ од пилешки гради во црево, беа аплицирани културите СЕВ ПРО Б2 И БЛЦ 48 бидејќи кај тие производи коишто се нарежани рокот на траење е скратен. Првично пробавме со капење и со распрскување, а потоа вториот дел од експериментот беше изведен кај ќебапи и плескавици во индустриски услуги кај што се аплицира културата Б2 и таму направивме четири опитни варијанти. Во првата редовно како што се прави во производство со додавање на хемиски адитиви, во втората беше со додавање на СЕВ ПРО Б2 културата, третата со оригано – мешавина од оригано и во четвртата беше се комбинирано. Се покажа дека кога ќе се додаде културата Б2 рокот на траење се пролонгира со истовремено зачувување на вкусот и бојата, рече Пејковски.
Појасни дека до седмиот ден до кога се испитувани ќебапчињата и дури по него, тие имале подобра боја, односно свежа розеникава боја во однос на другите во кои биле додадени хемиски средства, а воедно бил подобрен и вкусот.
Директорот на Институтот за храна Дејан Јанкуловски појасни дека патогените микроорганизми во храната се опасност од биолошка природа коишто може да претставуваат голем ризик во зависност од тоа каква е веројатноста за појава на заболување и тежината на болеста што ја претставуваат.
– Проценката на ризиците е цел на ХАЦЦП планот кој што секој оператор мора да го има имплементирано. Најчести предизвикувачи во Европскат унија од микроорганизмите се кампилобактерот и салмонелата коишто и во најголем број на случаи ги има кај луѓето. Најтешки последици преставува листериозата кај која има и најголем процент на смртност, истакна Јанкуловски.
Според него, операторите во Македонија треба да спроведат така наречен „Тест на предизвик“ при што ќе можат да ги тестираат новите култури на месо и врз основа на тие резултати Агенцијата за храна ќе може да ја спроведе регулативата по тој основ.
„Кристијан Хансен“ е компанија за биотехнологија која произведува природни состојки за прехранбената, фармацевската и земјоделската индустрија. Основана е во 1874 година.