До 30 јуни да се достават податоците за добивање електронска здравствена картичка

Од:

Сите граѓани, физички и правни лица во Македонија најдоцна до 30 јуни треба да ги достават податоците кои се потребни за добивање електронска здравствена картичка. За сите големи и средни претпријатија кои имаат над 20 вработени од 29 април постапката за издавање на електронска здравствена картичка е значително олеснета, односно може да се поднесуваат групни барања и групни уплати.

Ова денеска на прес-конференција го истакнаа министерот за здравство Никола Тодоров и директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Јован Грповски.

Министерот Тодоров рече дека по 30 јуни сите кои немаат поднесено апликација за добивање електронска здравствена картичка повеќе нема да добиваат сини картони односно доколку имаат потреба од нив ќе треба да дојдат на шалтерите на Фондот да ги подигнат лично. При подигнувањето на картоните, посочи тој, ќе имаат обврска да ја поднесат апликацијата за електронската здравствена картичка.

– Досега има над 600.000 исперсонализирани податоци и околу 250.000 картички кои се во продукција. Тоа значи дека 850.000 граѓани во Македонија веќе доставиле податоци или добиле електронска здравствена картичка. Остануваат уште еден милион граѓани да достават податоци. Околу 100.000 картички ќе бидат целосно исперсонализирани до крајот на овој или во почетокот на наредниот месец. Имаме собрано дополнителни 150.000 податоци кои се спремни за персонализирање, потенцира Тодоров.

Капацитетот на компанијата која ги печати или ги персонализира електронските здравствени картички, информира министерот, е од 120.000 до 150.000 картички месечно.

– Оние кои поднеле апликација за добивање електронска здравствена картичка до 30 јуни, а се уште ја немаат добиено бидејќи истата се уште не е исперсонализирана поради физичкиот обем на машината која толку може да постигне, тие повторно ќе добиваат сини картони. Тоа значи дека имаме рестриктивна мерка со цел да ги натераме сите осигуреници во Македонија – околу 1,8 милиони, да поднесат апликација за издавање електронска здравствена картичка, истакна Тодоров.

Тој додаде дека електронска здравствена картичка ни е пресудна за да можеме целосно да го користиме интегрираниот здравствен информатички систем особено во делот на закажувањето, електронското упатување и електронските рецепти, нешто што треба да ги намали турканиците во јавните здравствени установи и да овоможи собирање на точна здравствена статистика која потоа ќе се користи при креирање здравствени политики.

– Досега над 300.000 лица имаат подигнато електронска здравствена картичка. За целосно да биде во функција системот нашиот таргет е да бидеме над 1.000.000 издадени картички и тогаш ќе може да кажеме дека најголемиот дел од осигурениците во Македонија имаат картичка и можеме да се потпреме на оваа алатка во здравството, рече Тодоров.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Јован Грповски информирајќи за измените во Правилникот за електронската здравствена картичка, рече дека големите и средни претпријатија електронски треба да го пополнат групното барање за издавање електронска здравствена картичка кое може да се преземе од веб страната на Фондот.

– Претпријатијата од истата е-маил адреса од која го доставиле барањето ќе добијат известување од Фондот за валидноста на податоците и доколку се сите полиња се пополнети и се совпаѓаат со нашата постојна евиденција ќе се поднесе и отпечатен образец до подрачната служба на Фондот. Ако податоците не се совпаѓаат на повратниот е-маил ќе се добие точна информација кои податоци и во кој дел не се совпаѓаат и како да се најде начин тие да се надминат, посочи Грповски.

Тој додаде дека доколку од кои било причини овластеното лице од претпријатието не е во состојба да гарантира за валидноста на податоците тогаш постои опција да се поднесе групно барање, но на класичен начин со прилог на шалтер каде треба да се приложи фотокопија од лична карта и задолжително изјава за согласност за фотокопијата.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство