На 15-ти овој месец истекува рокот за поднесување барања за приватизација на земјиште во државна сопственост.
Од Министерството за финансии апелираат до граѓаните и фирмите во одделенијата на Агенцијата за катастар на недвижности да го проверат статусот на земјиштето кое го користат и доколку тоа е сопственост на Република Македонија, со запишано право на користење на нивно име, да поднесат барање за приватизација до подрачното одделение на Управата за имотно-правни работи во општината на чие подрачје се наоѓа земјиштето.
Право да поднесат барање за приватизација имаа граѓани или фирми кои правото на користење на градежното земјиште го имаат стекнато со правна основа (закон, тапија, судска пресуда, договор за купопродажба, решение за наследство, одлука на надлежен државен орган), граѓани или фирми кои правото на користење на градежното земјиште го имаат стекнато по основ на сопственост на објект стекнат со правна основа заклучно со септември 2001 година, а не се запишани како корисници на земјиштето во катастарот на недвижности.
Исто така право имаат и граѓани кои биле сопственици на земјиштето на денот кога земјиштето е национализирано, граѓани на кои им е пренесено правото на користење на градежното неизградено земјиште во периодот до 15 февруари 1968 година, наследници на поранешните сопственици, граѓани кои правото на користење на земјиштето го стекнале врз основа на договор за дар, договор за доживотна издршка и договор за располагање со имот за време на живот, кои договори се склучени меѓу поранешниот сопственик и неговите законски наследници.
Барање може да поднесат и поранешните сопственици на градежното земјиште и физичките и правните лица кои за стекнатото право на користење платиле надоместок, а кои со важечките акти за урбанистичко планирање е наменето за добро во општа употреба, а намената во моментот на одлучувањето не е реализирана, како и физички и правни лица корисници на градежно изградено земјиште на кое се изградени станови, деловни простории, гаражи и други посебни делови од станбени и деловни згради што имаат два или повеќе станови, односно деловни простории.
Агенцијата за катастар на недвижности во период од најмногу 1 година, по истекот на рокот за поднесување барања за приватизација, ќе ги избрише сите кориснички права кои се евидентирани на градежното земјиште и истовремено ќе ги прибележи поднесените барања за приватизација, за кои одделенијата на Управата за имотно правни работи ќе ја продолжат постапката за приватизација на земјиштето.
Сите физички и правни лица кои немаат поднесено барање за приватизација, а нема да поднесат ниту до 15 декември годинава, ќе бидат обврзани да плаќаат закупнина за земјиштето на кое до наведениот рок биле евидентирани како корисници, односно го користеле земјиштето по основ на објект изграден врз него.