„Понижувањата кои ги прави Никола Груевски кон ДУИ, а преку ДУИ и на сите Албанци, досега се невидени на политичката сцена на Албанците во Македонија. Али имаше време повеќе од 10 години да ги унапреди правата на Албанците, па дури и да го имплементира Охридскиот рамковен договор. Но, залудно! После сите овие години, излегува на виделина неспособноста и сервилноста на Али Ахмети кон Никола, особено во последниот мандат кога Али имаше можност да ги условува ВМРО-ДПМНЕ пред да влезе во владата. Како што се виде, а се гледа и сега, тие влегоа во владата само за фотељи. А денес, на место да му даде до знаење на Груевски дека ја преминал секоја граница на трпение и да ја напушти владата, Ахмети и понатаму ги трпи потценувањата и промовира кандидат од неговата партија за локалните избори преку една игра, чие што сценарио го подготвил заедно со ВМРО-ДПМНЕ и кое е многу навредливо за Албанците во Македонија“, вели Џезаир Шаќири познат како командант Хоџа во интервју за порталот Алмакос.
„Секој обичен граѓанин во оваа ситуација разбира дека доколку Али Ахмети навистина сака да ги унапреди правата на Албанците и да ги спречи нападите од Груевски, треба да се договори со албанските опозициски партии кои се дел од парламентот и кои имаат можност силно да се спротивстават или да ја условуваат било која македонска партија, а не да ги потценува и омаловажува сите Албанци.
Кога албанските партии би успеале да постигнат договор за соработка, независно од најавените предвремени избори, не би било битно која албанска партија ќе има повеќе пратеници. По изборниот резултат, Албанците повеќе не би имале главоболки која македонска партија ќе ги добие изборите, тие со својот обединет глас силно би го условиле функционирањето на новата влада, со што би придонеле состојбата на Албанците очигледно да се подобри.
Али Ахмети треба да сфати дека последен момент е да го стави прстот на чело, бидејќи има две можности после цела оваа ситуација. Како прво, да собере смелост и да му се спротивстави на Никола Груевски и да прекине со неговата сервилност која на Груевски му овозможува да ја понижи ДУИ, а со тоа да ги понижи и сите Албанци кои гласаа за Ахмети, или да биде принуден за втората опција, која е тешко остварлива – да се брани со екстремни средства кога Груевски ќе го потпре на ѕид.
Меѓу другото, втората опција невозможно е да ја оствари Ахмети бидејќи не може да продолжи по патот на “изгубениот идеал“, затоа што повеќето негови пријатели не стојат зад него и срамот ќе го следи до гроб. Близу него седат само пријатели за бизнис и интерес како што е Муса Џафери, кој секогаш нелегитимно имал директен пристап до челникот на партијата, бидејќи Муса и Али се познаваа уште од детството. Одејќи зад него, Муса и денес остана како “бубица“ (пудличка) која оди зад европските дами.
Нивната судбина може да се поврзе и со милионите кои по војната ги пратиле иселениците од сите страни на светот, кои Али и Муса ги депонирале заедно, и ако еден ден се докаже дека тоа е вистина, на обајцата тогаш ќе им биде невозможно да се разделат, меѓу другото и поради милионите кои заедно ги имаат на банкарска сметка.