Постизборно се доградува дивата платформа на Матка во првиот залив по браната, додека од Општина Сарај сè уште се чека одговор на барањето за нејзина легализација. Поставена е дрвена ограда на платформата, а покрај малиот објект се поставени маси и клупи. Целиот простор, за кој луѓето кои екипата на „А1он“ ги затекна таму велат дека веќе се користи како место за одмор, е украсен со цвеќиња и зеленило.
„Туристите тука си седнуваат, одмораат по пловидбата. Без ограда не беше безбедно, но еве веќе втора недела без страв можат да ја користат платформата“, велат првите соседи на дивата платформа кои издаваат чамци и сметаат дека и покрај тоа што е изградена без одобрение, платформата треба да се легализира.
Градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, не одговара на прашањата дали барањата за легализација на платформите на Матка стигнале на ред за разгледување и дали инспекцијата постизборно излегла на терен за да направи увид во уредувањето на платформата.
Минатиот месец градоначалникот Беџети рече дека не постапиле по барањата за легализација на платформите на Матка оти не стигнале на ред за разгледување. Барањата чекаат ред од март годинава кога министерот за транспорт и врски побара од Општина Сарај да ги урне дивите платформи, а градоначалникот се оправда дека законски не може да го направи тоа оти сопствениците поднеле барања за легализација за кои се веќе почнати процедурите. Додека не истечат законските рокови, кои може да се издолжат и до шест месеци ако има жалби, градоначалникот Беџети рече дека нема да урива.
Општината добила три барања за легализација на платформи на Матка. Едно од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија за платформата кај ресторанот, на кое Општината веќе одговорила, го поништила. Другото барање е за платформата на која веќе се издаваат чамци поднесено од Амет Саиди и третото барање е за новата платформа во првиот залив до браната, а го поднел Исмаил Саиди. На одговор од Општината тие чекаат од март годинава.
Во случајот диви платформи на Матка се вклучија Град Скопје, Државниот градежен инспекторат, Инспекцискиот совет, Министерството за транспорт и врски и Министерството за животна средина. Сите се согласни дека платформите на Матка се дивоградби и дека треба да се урнат оти се во заштитено подрачје, но за уривање посочуваат дека е исклучиво надлежна Општина Сарај.
Трите платформи поставени во заштитеното подрачје на кањонот станаа актуелни откако беше зголемена и крената повисоко над водата платформата што е најблиску до браната на Матка. Почна да се гради на почетокот на февруари, а додека институциите се прогласуваа за ненадлежни да ја сопрат градбата, се изгради и платформата и мал објект на неа, а сопственикот по изборите продолжи со нејзино уредување.
Маја Илиевска-Пачемска