СДСМ на прес конференција ја потсети владата дека здравствената електронска картичка беше замислена и рекламирана како бесплатна, наместо сегашната најава дека ќе чини 250 денари.
Менде Диневски од СДСМ рече дека повеќе од јасно е дека денес јавното здравство тоне во долгови.
„Од месец во месец доспеаните, а неисплатени обврски на јавните здравствени установи се повеќе и повеќе се зголемуваат, и затоа не се согласуваме дупката во здравството да падне врз пациентите и корисниците на услугите на јавното здравство.
250 денари за Владата се можеби мал износ, но законот не прави разлика и ги обврзува и вработените и невработените, богатите и сиромашните да издвојат по 250 денари за секој член од фамилијата, што за повеќе семејства ќе значи износ од над илјада денари.
Овој износ во ова време на економска криза и сиромаштија претставува терет кој многу семејства не можат да си го дозволат.
Ако се земе во предвид дека 250 денари се нешто повеќе од 4 евра и ако овој износ се помножи со околу 2 милиони граѓани, лесно ќе се дојде до средствата на министерството за здравство и ФЗОМ од околу 10 милиони евра.
Токму 10 милиони евра беше износот на средства скратен од буџетот за здравство со последниот ребаланс, кој сега министерството бара начин да го поврати со вакви проекти.
Пратеничката група на СДСМ ќе поднесе Закон за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување со што издавање на електронската картичка ќе биде на товар на Министерството за здравство а не на осигурениците.
Сакаме да ја повикаме Владата да го прифати законот и да си остане на она што го вети, промовираше и рекламираше, а тоа е дека ќе обезбеди бесплатна здравствена картичка за сите осигуреници.
Средствата за покривање на дупката во јавното здравство, да не ги бара од осигурениците, туку да си ги обезбеди од рекламите, фасадите, спомениците, жалните врби, златните коњи,огради и сите останати непродуктивни трошоци.
Во тоа купче има многу повеќе пари отколку во џебот на граѓаните“, рече Диневски.