Предлог законот на СДСМ за медиумите е сосема неспроведлив, спротивен е на Уставот, на сите меѓународни стандарди, европски препораки и директиви, сензорски и практично неспроведлив.
Ова го истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на денешниот брифинг со новинарите во Собранието на Република Македонија, напоменувајќи уште еднаш дека за ВМРО-ДПМНЕ ваквото решение е апсолутно неприфатливо.
Според Димовски, од изнесениот предлог за медиумите, повеќе од јасно е дека СДСМ не сака да се најде решение, туку сака да создаде конфликт.
– Предлог законот на СДСМ е надвор од здравиот памет и јасно покажува дека единствена цел на оваа партија е да стави рака врз медиумите. Освен што е спротивен на Уставот и на многу законски решенија, предвидува и зголемување на казните и цензорски односно овозможува државата да кажува дали новинарството е етичко, професионално, објективно, избалансирано, правично или не, рече Димовски.
ВМРО-ДПМНЕ нема да ги напушти преговорите, но во никој случај, како што подвлече Димовски, нема да прифати предлози кои не се базирани на аргументи и на меѓународните искуства.
Тој го повтори ставот на својата партија дека во игра се две опции. Едната е да се разгледаат предлозите на медиумите, односно на новинарските здруженија и Македонската медиумска асоцијација и тие потоа да се внесат во постојниот Закон за медиуми, а другата е СДСМ да одбере кој било закон од држава членка на ЕУ и Македонија да го преземе.
Димовски информира дека на 25 овој месец ќе стапат на сила измените на Изборниот законик кои се однесувааат на медиумите. – За 19 дена ќе имаме друга регулатива за медиумите во која се опфатени сите забелешки на СДСМ, особено во делот на јавниот сервис и сите политички субјекти ќе добијат еднаков простор за рекламирање, истакна Димовски.
Тој уште еднаш потенцира дека Законот за медиуми во Македонија е добар и ако има потреба од измени за тоа ќе се разговара со луѓето од фелата и релевантните здруженија, наместо да се исполнуваат партиски желби како онаа на СДСМ.
На новинарско прашање во врска со препораката од американскиот амбасадор во ОБСЕ Катица Јанева да добие политичка поддршка од сите лидери, посебно од ВМРО-ДПМНЕ, Димовски рече дека неговата партија учествуваше во изборот на специјалната јавна обвинителка и нејзиниот тим, го поддржа буџетот за нивната работа. – Практично, се што побара Јанева, доби од државните институции, подвлече Димовски.