Хојт Брајан Ји води сомнителна и антигрчка улога која предизвика жестока дебата во и надвор од Грција, пишува грчкиот весник „Димократиа“ додавајќи дека Ји минатата недела беше во Атина каде се сретнал со Каменос, Мицотакис и митрополитотАнтимос.
„Поранешниот генерален конзул во Солун (2006-2009) и актуелен заменик-помошник на американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања, американскиот дипломат се чини дека се ангажира да ја промовира агендата на Скопје со манипулирање со решението за името и интеграција на соседната земја во Евро-атлантските институции“, пишува весникот.
Во исто време, како што тврди весникот дека открил, „Скопје испратило документи до НАТО и Европската Унија со кои во суштина бара да се приклучи на Алијансата, без да го спомене името“.
„Накусо, тие сакаат интеграција со привременото име ПЈРМ и без преговори. Тоа е подла и подземна игра против Грција. Тоа е затоа што од една страна Владата на Зоран Заев тврди дека наводно е подготвена да направи отстапки за да се затвори циклусот на конфликти со кој грчкото ‘вето’ се одржува активно, а од друга страна, со поместување на логиката кон лукавост и подлост, се обидува да и забие нож во грб на Грција, еднострано приоѓајќи и на администрацијата на Алијансата и на Европската унија“, коментира „Димократиа“.
„Ставете вода во вашето вино за името на Скопје“ била наводно пораката која Ји им ја пренел на неговите соговорници во Атина, пишува весникот. Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, како што тврди „Димократиа“, му рекол на Ји дека не може да бара милион Словени да имаат корист, а 11 милиони Грци да се казнат, „особено што во Грција во моментов првпат расте проамериканскиот дух“.
Весникот потоа прашува дали „дипломатот ги изразува движењата на Стејтдепартментот и на раководството на САД, на чии интереси им служи и што планира да направи грчката страна за да им стави крај на тајните игри“.