Кандидатот за градоначалник на Кочани од ВМРО-ДМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Ратко Димитровски, на денешната прес-конференција ја обвини в.д директорката на Центарот за социјална работа од Кочани, поради, како што рече, агитација кај семејства во населбата Оризари и во Ромското маало, како и на Полатски пат кај семејства од ранлива категорија.
– Невообичаено е директор од Центарот да оди на увид кај семејства од ранливи категории. Целта на в.д. директорката Соња Андоновска за посети на семејства во време на предизборна кампања е јасна – на недемократски начин, изживувајќи се врз маката на луѓето и злоупотребувајќи ја својата позиција како в.д. директор да добијат глас повеќе на овие локални избори, смета Димитровски.
Според него, граѓаните на Кочани добро се сеќаваат на кривичните пријави од 2006 за неовластена исплата на еднократна парична од тогашната директорка на ЦСР-Кочани, која со злоупотреба на својата службена положба одобрила и исплатила еднократна помош на околу 40.000 евра пари потрошени за „купување“ гласови.
Тој обвини дека Центарот за социјални работи во Кочани работи како мини партиски штаб, по завршување на работното време за членовите на СДС по партиска наредба било организирано издавање решенија за туѓа нега заради пријавување на „болни и изнемоштени“ гласачи. Со тоа, како што рече Димитровски, граѓаните се ставаат со нееднаква положба и се влијае на изборите што претставува кривично дело за кое дополнително ќе бараме одговорност.