Димитров во Белград на лидерскиот состанок со претставници на компаниите во рамки на „Отворен Балкан“

Од:

Како претставник на Владата на Северна Македонија, вицепремерот за европски прашања Никола Димитров утрово во Белград заедно со премиерот на Албанија Еди Рама, беа пречекани од претседателот на Србија Александар Вучиќ кој е домаќин на работниот состанок во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.

Агендата за работниот состанок во Белград, како што соопшти СЕП, започна со средба со претставници на компании од трите земји учеснички во иницијативата „Отворен Балкан“, при што беа разменети идеи и ставови за олеснување на трговијата помеѓу Северна Македонија, Србија и Албанија преку конкретни чекори за градење на заеднички регионален пазар заснован на слобода на стоки, на работна сила, на услуги и на капитал.

– Оваа иницијатива ја изразува длабоката посветеност за унапредување на развојот на нашите земји и директни придобивки за граѓаните. Постои силна и јасна политичка волја, а од нашава средба денес очигледно е дека постои и прифаќање на оваа иницијатива од стопанските комори. Следните чекори треба да бидат насочени кон интензивирање на јавната дискусија за „Отворен Балкан“ и конкретизирање на оваа доверба на ниво на надлежните институции и испорачување на опипливи резултати во утврдена временска рамка, истакна Димитров.

Дискусијата резултираше со усвојување на заклучоци за преземање на конкретни мерки и активности во насока на реализирање на поставените цели односно операционализирање на слободното движење на луѓето, преку меѓусебно признавање на компетенциите и работните дозволи, укинување на граничните контроли за слободно движење на стоки, дигитална трансформација, зајакнување на енергетските капацитети, заемно справување со несреќи и природни катастрофи, проширување на туристичките понуди и бенефиции во регионот.

За таа цел, предложено е да се формира независно тело за мониторинг кое што јавно ќе известува за имплементирањето на обврските од иницијативата „Отворен Балкан“ и ќе ги следи ставовите на граѓаните за искористувањето на придобивките.

Работниот состанок продолжува со трилатерална лидерска средба, по што вицепремиерот Димитров, претседателот Вучиќ и премиерот Рама во 11:30 часот ќе одржат заедничка прес-конференција.

Би можело да ве интересира

Трипуновски: Продажбата на македонското вино надвор од границите на државата е зголемена

Османи: На седница на Владата ќе предложам излегување од иницијативата Отворен Балкан

Со еден клик до работни места во Србија и Албанија: Нова можност за македонските граѓани

A1on

Почнува единствениот пазар на труд на Отворен Балкан

Горан Наумовски

Потпишани Протоколите за Слободен пристап до пазарот на труд во земјите од Отворен Балкан

БЕСА бара Владата да се огради од проектот „Отворен Балкан“