Ова е трет град што го посетувам, по Тетово и Куманово, и од она што го гледам мислам дека работите одат во добар правец, бидејќи секогаш сме знаеле за крупни одлуки да бидеме мудри. Изборот е голем, историската крстосница е огромна, но нема врска со тоа дали го цениме градоначалникот или Владата, нема врска со една или друга партија и ќе биде многу неодговорно ако не се издигнеме над сето ова, пред се тие што се повикани да имаат одговорност за општото. Ама граѓаните ќе одлучат, порача министерот за надворешни работи Никола Димитров при денешната посета на Крива Паланка.
Според него, граѓаните ќе донесат одлука ако мислат дека државата треба да оди напред со брзо НАТО членство и брз почеток на пристапните преговори со Европската унија.
– Главните маки кои ги има градот по разговорот со градоначалникот можам да видам дека се инфраструктурата и повеќе работни места со пораздвижена економија, а тоа е тесно врзано со она дали Македонија ќе ја отвори вратата да оди напред или ќе се врати назад кон изолација. НАТО членството значи Македонија е тука за да остане во овие граници. Членството во НАТО двојно ги зголемува инвестициите, а најсвеж пример е Црна Гора, која по влезот во НАТО, минатиот јуни, лани имаше раст на инвестициите од 96 милиони евра до 215 милиони евра во првите шест месеци од оваа година. Невработеноста практично постојано се намалува во период од пет до 10 години. Романија од 2007 година со 15 проценти невработеност денес има четири отсто невработеност. НАТО членството значи предвидливост, што инвеститорите можат да очекуваат во наредните пет до 10 години, а во однос на приближувањето кон ЕУ ќе се зголемат парите што и се достапни на Македонија, а сега изнесуваат 90 милиони евра годишно. Бенефит ќе имаат и земјоделците чии приходи пред и по членството во ЕУ се зголемуваат за 70 отсто, рече Димитров.
Според него, поминаа 27 години и една цела генерација остана во заложништво, а младите за жал, како што рече, ја бараат европската иднина со туѓ пасош и одат надвор.
– Ако сме одговорни треба Македонија да ја направиме европска и да има работа и во нашите граници, во нашите градови и села. Тоа е изборот што треба да го направиме на 30 септември, да се издигнеме и да расправаме кој е поефикасен, почесен, кој има покреативни визии, она што навистина им треба на граѓаните. Да не расправаме за ова, бидејќи не знам кога и дали ќе има друг воз, а од сите нас зависи иднината на Македонија и иднината на нашите граѓани, додаде Димитров.
Тој посочи дека Крива Паланка е своевиден пионер во градење пријателства со соседите, бидејќи реализирала голем број европски проекти во рамки на прекуграничната соработка со Ќустендил, користејќи ги ЕУ фондовите, а подоцна, односно дури минатата година Република Македонија го склучи Договорот со Бугарија.