Димитров: Нерешавањето на спорот за името може да ја загрози регионалната безбедност

Од:

Спорот за името е долгогодишен. Иако во суштина тоа е билатерално прашање, последиците од негово нерешавање, како што се гледа во последно време, може да ја загрозат регионалната стабилност, изјави македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров во интервју за грчкиот весник „То Вима“ што денеска беше објавено.

Тој нагласува дека Република Македонија предолго беше оставена во чекалница пред заклучените врати на НАТО и ЕУ поради наметнатата политичка блокада и покрај одлуката на Меѓународниот суд за правда, и оти „тоа за возврат ја отвори вратата за демократска криза во земјата“.

– И ние, очигледно, имаме направено свои грешки. Сите треба да ја научиме лекцијата. Категорично сум убеден дека треба да ја искористиме ситуацијата и позитивниот моментум. Да ги употребиме за суштинско преосмислување на нашиот однос. За Грција прашањето е каков сосед би сакала да има? За Република Македонија прашањето е каков сосед би сакала да биде? Сакаме да бидеме блиски пријатели на Грција врз основа на взаемно разбирање, почитување и заеднички интереси. Ако тука постапиме правилно, сигурен сум дека и двете држави ќе бидеме запишани во историјата со светли букви, истакнува Димитров.

Во врска со преговорите за името во ОН, шефот на македонската диломатија вели дека во текот на преговорите, во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН, на маса биле ставени неколку идеи што едната страна ги сметала за добра основа за решение, но другата страна ги отфрлила.

– И двете страни треба да преговараат со добра волја и да се обидеме, колку што е можно повеќе, да ја разбереме чувствителноста на тие прашања гледани од другата страна. Треба да го подигнеме нивото на доверба и да размислиме за инвестирање во нашите билатерални односи на начин што ќе овозможи дополнителен напредок, подвлекува Димитров.

Во врска со мерките за градење доверба, македонскиот министер вели дека тие се многу корисна алатка за зајакнување на целокупното ниво на взаемна доверба и соработка меѓу институциите на двете земји. Тековните мерки за градење доверба, според него, се долго очекуван одговор на македонските повеќегодишни иницијативи за подобрување на билатералната соработка.

– Соработката и дискусиите околу спорот со името требаше уште одамна да се одвиваат паралелно. Во мојата функција како преговарач јас предложив еден склоп мерки за градење доверба уште во 2007 година. Имплементацијата на договорените мерки за градење доверба веќе имаат придонесено кон поголема практична соработка меѓу институциите во врска со миграциските прашања, како и во поглед на енергијата, инфраструктурата и образованието, меѓу другото, а ќе следуваат дополнителни резултати. Списокот на договорени мерки за градење доверба не е конечен и сеопфатен, па можеме да го прошириме опсегот во кое било време доколку сметаме дека е заемно корисно. Миграциската криза беше јасен пример колку сме слаби кога самите се соочуваме со голем предизвик, и колку можеме да постигнеме кога ќе ги здружиме силите и кога соработуваме. Сепак, за жал, сѐ уште не сме го постигнале степенот на доверба, соработка и отворена комуникација што постои меѓу народите на двете земји, изјави Димитров и додава дека „како и обично, граѓаните докажале дека се помудри од политичарите“.

Тој информира дек „најитниот приоритет на новата влада на Република Македонија е да обезбеди стабилност, безбедност и одржлив развој во земјата, да гради европска демократија раководена според владеењето на правото и да обезбеди подобар живот и просперитет за своите граѓани“.

– Сметам дека е во голем интерес на Грција да има една стабилна, безбедна и просперитетна демократија на својата северна граница. Колку побрзо е поканета државата да се приклучи и стане членка на НАТО, толку се подобри шансите Грција да има една таква држава за свој сосед, истакна Димитров и изрази надеж дека Македонија набрзо ќе добие и датум за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ, по многуте добиени позитивни препораки од ЕК.

На новинарско прашање каква е неговата реакција за тоа што „одредени луѓе во земјата и пошироко изразиле загриженост околу сценаријата за Голема Албанија“, министерот вели дека „премногу сме ситни на Балканот за да положуваме право на поголеми нешта од просперитет, соработка, инклузивност, диверзитет и европеизација“.

– Наративот на поголемите држави не враќа назад во минатото. Наративот на Европа ни отвора една заедничка иднина. Сметам дека во регионот се издигаме и паѓаме заедно. Ајде да се издигнеме и да бидеме еден Голем Балкан, истакна тој.

Осврнувајќи се на ситуацијата на Баканот, Димитров вели дека „регионот во моментов и не е едно премногу весело место, а тука дефинитивно има придонесено и ситуацијата во и околу Република Македонија“.

– Проблемот со проблемите е во тоа што ако се занемаруваат – се шират. Стратешките патеки за Балканот поставени од ЕУ на самитот во Солун уште во 2003 година, веќе не се толку цврсти како порано. Пристапниот процес, од најразлични причини, го губи својот моментум. Политичката енергија е префрлена на друго место и зад себе оставила недовршена работа. Европа, НАТО и регионот ќе направат катастрофална грешка ако отворат простор за оние што сакаат да го оспорат поредокот утврден по југословенските војни, подвлекува министерот.

Димитров на крајот вели дека е време регионот решително да се подбутне напред и додава дека „новата Влада со својата цврста посветеност на реформите на домашен терен и на добрососедските и пријателски односи надвор од границите претставува одлична можност и за регионот, но и за НАТО и ЕУ што мора да се искористи“.

Би можело да ве интересира

Димитров: Лага е дека историските прашања не се во рамката, предлогот е апсолутно истиот

Ландов

Османи удри по Димитров: Ти прифати Илинденското востание да се преименува во Илинден-Преображение

Македонски дипломатски синдикат до Димитров: Пустошот што го остави тешко дека ќе можe да се поправи следните неколку години

Ана Ололовска

Милошоски: Неморално e Димитров сега да зборува за можен нов штетен договор со Бугарија

Ана Ололовска

Османи бара фер однос од Димитров: Да им ја обезбедиме европската иднина на граѓаните која предолго само им ја ветуваме

Ана Ололовска

Груби: Нема потреба од недоверба кон Османи и Владата, со Бугарија се преговара транспарентно

Ана Ололовска