Димитров: Можеби на почетокот на идната недела ќе има информација за влез на македонски државјани во ЕУ

Од:

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска изјави дека се уште трае процесот на консултации во ЕУ за тоа дали да им се дозволи влез во Унијата на македонските државјани и од кога, имајќи ја предвид состојбата со Ковид-19.

– Вчера имавме една видео средба со моите колеги од Балканот што ја реализираше еврокомесарот Вархеји. Меѓу другото, ова се дискутираше. Еврокомесарот кажа дека процесот на консултации трае, дека одлуките ќе бидат врз основа на објективни критериуми во однос на епидемиолошката слика во сите земји од Западниот Балкан. Вчера по друго прашање имав телефонски разговор и со австрискиот министер за надворешни работи Шаленберг и уште некои други извори. Мислам дека во моментов, сега е ова неблагодарно бидејќи уште нема одлука, меѓутоа во моментов малку држави од шесте од Западниот Балкан ќе ги исполнат критериумите за да бидат на таа целосно бела листа на ЕУ, меѓутоа да почекаме и да видиме, рече денеска Димитров, кој беше на партиски настан како носител на кандидатска листа во ИЕ 1 за коалицијата „Можеме“.

Европската унија, потенцирше тој, ќе донесе препорака кон земјите членки, но одлуката дали таа ќе се применува и како ќе се применува ќе биде национална односно на земјите – членки, а препораката ќе се менува и ќе се ажурира на секои 14 дена во однос на динамиката, случувањата околу епидемиолошката слика на сите земји.

-Имавме на високо работно ниво неколку контакти неделава, не од денес и од вчера, изминатава недела и уште и таму трае процес на одлучување. Не е сосем јасно како ќе пресечат и во однос на македонските државјани, меѓутоа и во однос на другите земји од регионот, така што веројатно на почетокот на иднава седмица можеби ќе имаме и конкретна информација, тврди Димитров.

Нацртот за Преговарачката рамка за земјата е готов во Европската комисија, информира министерот одговарајќи на новинарско прашање велејќи дека има определен и разлики во Комисијата во однос на одлучувањето.

-Во дневен контакт сум последниве две седмици со Брисел, со ЕК на различни нивоа. Нацртот е готов. Има определени разлики меѓу два фактори во ЕК околу начинот како ќе се одлучува кога една земја ќе го изгуби компасот и ќе почне да се враќа назад во смисла на демократија, слобода на медиуми, правна држава, како земјите- членки и Комисијата ќе одлучат и процесот на пристапување, она што се вели реверзибилност врз основа на новата методологија и овие разлики се причината за ова доцнење од – па речиси, колку веќе, две седмици. Не исклучувам на почетокот на идната недела да има решение на овој проблем. Не знам дали ќе го објават, тој може ќе излезе, меѓутоа ќе објават дека е усвоен што се однесува на Комисијата и после оди во рацете на земјите – членки, објасни Димитров.

Министерот за надворешни работи вели дека е уверен дека првата меѓувладина конференција ќе биде во текот на втората половина на годината. Засега за тоа нема одреден датум.

-Уште нема, не зависи само од ова прашање. Пред неколку дена германскиот министер за надворешни работи ми кажа дека тие се решени како Претседателство, нели Германија го презема Претседателството со Советот на ЕУ, ова е прашање што им е важно и тој ми пиша дека заедно со нас сака да работи оваа работа да се заврши. Меѓутоа, без да прецизира баш дали октомври ќе биде, дали ноември итн. Тоа што е за нас важно, јас сум уверен дека ние ќе ги почнеме пристапните преговори во текот на втората половина на оваа година, рече Димитров.

Би можело да ве интересира

Засега нема македонски државјани што побарале помош или евакуација од Либан

Бугарското МНР за знамињата на средбата меѓу Сиљановска Давкова и Радев: Посетата не беше официјална

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

На бугарскиот амбасадор Желјаско Радов му била укажано за отстапувањето од договорениот протокол

Предраг Петровиќ

Демаршот на бугарскиот амбасадор ќе биде врачен од директорот на Директоратот одговорен за регионот, а не од министерот Муцунски

Македонската амбасадорка во Софија повикана во бугарското МНР поради изјавите на вицепремиерот Николоски