Непосветувањето вистинско внимание, неангажирањето во земјите од регионот кој што географски му припаѓа на Европа, би претставувало стратешка грешка на Европската Унија. Кога не зборуваме гласно во одбрана на европските принципи ЕУ ослабува, без разлика дали сме граѓани на земја членка или земја кандидат за членство во Унијата. Задачата на проширувањето како европска политика е примена на нејзините вредности и тој процес не треба да биде во заложништво на билатерални прашања.
Ова го истакнал вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во он-лајн обраќање на Европскиот самит во Прага на панелот насловен „Обновувањето по кризата предизвикана од КОВИД 19, како можност за посилна Европа од перспектива на земјите од Западен Балкан“, информира владиниот Секретаријат за европски прашања.
Осврнувајќи се на процесот на проширување, Димитров нагласил дека соочувањето со своите предизвици одвантре, оди рака под рака и со европскиот проект чија суштина е стабилноста, мирот и европскиот начин на живот кој се отсликува преку демократија чие начело е владеење на правото.
Димитров истакнал дека Северна Македонија ќе продолжи со обидите да бара достоинствено решение, почитувајќи го нашето право на самоопределување, во рамки на европските принципи.
-Истовремено, без разлика на исходот, европеизацијата на нашето општество, останува клучна цел на Владата. Реформите ќе продолжат бидејќи вистинската цел на пристапниот процес всушност е токму европеизацијата, внесувањето на европските стандарди дома. Во тој процес секоја помош од нашите пријатели ќе биде добредојдена, рекол Димитров.
Тој на панелот нагласил дека справувањето со глобалната пандемија предизвикана од КОВИД 19 ја покажа солидарносноста на дело.
Европската Унија, како што навел Димитров, справувајќи се и самата со предизвиците од КОВИД 19, неодамна одобри Економски инвестициски план, со цел да го поттикне долгорочното економско закрепнување на регионот, но и да ја поттикне регионалната економска интеграција преку обезбедување грант во висина од девет милијарди евра во рамките на ИПА III, средства кои се од витално значење за закрепнувањето на економиите на земјите од Западен Балкан.
– Оваа финансиска помош е доказ за поддршката на ЕУ за Западен Балкан, која воедно има свој придонес и во зајакнувањето на меѓусебното партнерство, рекол Димитров и потенцирал дека заедничкиот одговор во борбата против КОВИД 19, всушност потврди дека координираните политики и мерки може да го олеснат и да го забрзаат социоекономското закрепнување.