Димитриевски: Ние ја чистиме реката, но граѓани повторно фрлаат отпад и си градат мостови, МВР молчи

Од:

Да се зголемат казните, полицијата да почне да си ја врши работата и да се изврши координирана акција на институциите за да се спречи претворањето на реката Кумановка во центарот на Куманово во депонија, се предлозите на градоначалникот на општината, Максим Димитриевски, во врска со фрапантните видеа кои се објавуваат на кои се гледа како граѓани одат по импровизирани мостови и си го фрлаат ѓубрето во реката.

Водата во реката речиси и воопшто да не се гледа од насобраниот отпад. Како што може да се види и од снимките на „А1он“, граѓани и со колички и во кутии го носат ѓубрето по импровизираниот мост и го фрлаат во реката, како да е таа контејнер.

Димитриевски признава дека во тој дел од речното корито во близина на населбата Средорек има сериозен проблем со исфрлање смет и градежен шут, исто како и со поставување импровизирани премини од страна на несовесните граѓани. Дополнително, вели тој, се создаваат диви депонии на различни локации во градот, не само од поединци, туку и од организирани групи, диви превозници со возила и земјоделски машини, кои согласно законот МВР треба да се исклучат од сообраќај.

„И покрај нашите напори, за жал, СВР Куманово не презема ништо. Општината редовно, најмалку еднаш годишно ги чисти речните корита со механизација и ги отстранува импровизираните премини. За жал, несовесните граѓани ги повторуваат прекршоците, а комуналните редари и инспектори врз база на снимки не се во можност да ги идентификуваат сторителите, ниту пак имаат таква надлежност ако не се вклучи МВР. Досега, немаме епилог по ниту една пријава“, вели Димитриевски за „А1он“.

Во голем дел од овие случаи, тврди тој, сторителите се корисници на социјална помош и истите поминуваат само со судска опомена доколку случајот стигне до суд.

„Треба заедничка акција на сите надлежни институции за да се реши овој проблем – инспекциските служби во општината, МВР, државните водостапанства, центрите за социјална работа каде што живее население од социјална помош. Потребни се и законски измени, да се зголемат казните за непрописно фрлање смет и градежен отпад со одземање на возилата и укинување на социјалната помош на оние кои го повторуваат делото“, тврди Димитриевски.

Во општината Куманово има само двајца комунални инспектори и тројца комунални редари. Градоначалникот вели дека во тој реон речиси никогаш нема реонски полицајци, а кантите за отпад кои биле поставени во тој дел, веднаш биле украдени.

Следниот чекор што се планира е да се намали испуштањето вода на липковската брана, за да се намали водостојот на реките Кумановка и Липковка, за да може повторно да се исчисти речното корито, оти во моментов нивото на водата не дозволувала да се оперира со механизација.

Би можело да ве интересира

Посебен режим за камиони, засилени контроли во сообраќајот, вонредни инспекции кај потенцијалните загадувачи – мерки за намалување на загадувањето

Девојче било истепано на свадбена веселба во Куманово

Изгоре куќа во Куманово, нема повредени

Сообраќајка во Куманово, тешко е повреден пешак

Потребни ригорозни санкции за оние кои ги напуштаат милениците и исфрлаат легла апелираат ветеринарите

СДСМ: Скопје најзагаден град, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух