Во Апелациониот суд денеска беше разгледана жалбата на Александра Димитриевска Аврамовска, вработена во Општина Гази Баба, која е обвинета во предметот „ТНТ“ и на која ѝ одземен пасошот со одлука на првостепениот суд.
Одбраната на обвинетата тврди дека во нејзиниот случај се крши Законот за кривична постапка и исто така дека не ги добила списите и немала можност да се подготви.
-Судовите лесно определуваат притвори и мерки на претпазливост. Вештачењата на СЈО се добиваат по завршена истрага, вели Тасевски.
Според него, во предметите на СЈО нема индивидуализија на причините за определување две мерки на претпазливост, односно за одземање на пасошите и обврската да се јавуваат во судот еднаш неделно.
Обвинителот Гаврил Бубевски рече дека првостепениот суд правилно утврдил кога определил мерки на претпазливост и побара жалбата на обвинетата да биде одбиена.
Обвинетата се бранеше дека не е виновна и дека не сторила никакво кривично дело.
-Не сум виновна. Не можам да одам на одмор ако остане мерката за пасош. Бев најдобра студентка и бев вклучена во национални програми, рече обвинетата.
Таа пред Судот наведе дека на 27 години станала инспекторка за животна средина.
Димитриевска Аврамовска е седмообвинета во „ТНТ“ за уривање на објектот „Космос“. Наредбата за уривање на објектот, како што тврди СЈО, незаконски се реализирала преку општина Гази Баба.
Првоосомничена во случајот е градежната инспекторка од општина Гази Баба, а освен неа, СЈО сомничи уште три лица од Комисијата за јавни набавки на општината. Обвинети во „ТНТ“ се и Никола Груевски, Миле Јанакиески и градоначалникот на Гази Баба – Тони Трајковски.
Претходно во Апелациониот суд беа разгледани жалбите на Трајковски и на Марика Зафировска, вработена во Општината.
Виктор Јованов