Државната изборна комисија (ДИК) во пресрет на претстојните редовни претседателски избори во 2019 година веќе има изготвено детален оперативен план, а усвоени се најголем број од подзаконските акти што се потребни за спроведување на изборите.
Ако се донесе одлука за распишување предвремени парламентарни избори, како што изјави портпаролката Љупка Гугучевска, ДИК е подготвена и за тоа.
„Имаме претходни искуства за спроведување на два изборни процеси паралелно“, рече таа.
Имајќи го предвид остварувањето на избирачкото право на сите граѓани, стратешката соработка на ДИК е со МВР. Во таа насока, согласно Изборниот законик, МВР е должно наредниот ден од денот откако ќе се распишат изборите до ДИК да ги достави податоците на граѓаните кои потоа ќе бидат запишани во Избирачкиот список.
„МВР до ДИК ги доставува податоците на граѓаните кои се полнолетни, односно се наполнети 18 години, и кои на денот на изборите имаат важечка лична карта или патна исправа,“ појасни Гугучевска.
Избирачкиот список за претседателските избори ќе биде ставен на јавен увид најдоцна 15 дена по распишувањето на изборите и во периодот од 20 дена за увид граѓаните ќе имаат време да видат дали се запишани и тоа дали се запишани со точни податоци и да поднесат ако има потреба соодветни барања до подрачните одделенија и канцеларии на ДИК.
ДИК на дневна основа го ажурира Избирачкиот список, истакна Гугучевска, со промени на податоците на гласачите, бришење на податоци или пак запишување, зависно од статусот стекнување со лично избирачко право на гласачите или промени во личните податоци.
ДИК ги повикува сите граѓани кои сакаат да го остварат своето избирачко право на престојните претседателски избори да ги подигнат изготвените документи од Управните служби на МВР. Апелира тоа да го направат најдоцна до петок 8-ми февруари. Доколку не ги подигнат своите документи, овие граѓани нема да бидат запишани во изводите од Избирачкиот список што ќе бидат ставени на увид за претстојните претседателски избори.
Одделението за управни работи – Скопје и отсеците за управни работи во Битола, Велес, Куманово, Охрид, Штип, Струмица и Тетово работат секој работен ден од 07 до 21 часот и секоја прва сабота во месецот од 08. до 16 часот, додека подрачните единици под нивна надлежност од 7.30 до 16.30 часот.