По една година ограничувања на движењето, празни училници и откажани семејни собири, луѓето од целиот свет почнуваат да се вакцинираат против КОВИД-19 или го чекаат својот ред за да се вакцинираат. Сите знаеме дека вакцините даваат најголема надеж за продолжување со нормален живот и за наше повторно зближување. Сега кога вакцините се во мислите на секој од нас мора да запаметиме дека редовните вакцини за децата играат клучна улога за децата да може да се играат и да бидат заштитени. „Ковид-19 предизвика прекин во спроведувањето на многу услуги за децата, но надежно е тоа што побарувачката и реализацијата на редовната вакцинација на децата во голема мера остануваат непроменети. За многу семејства, вакцинацијата е влезна точка во здравствениот систем која обезбедува можност за спречување, откривање и лекување на здравствени состојби и унапредување на доброто здравје.
Ова го истакна Патриција Ди Џовани, претставничката на УНИЦЕФ, по посетата на поликиниката Ѓорче Петров во која се вакцинираат деца од три општини во Скопје
-Паралелно со напорите што ги вложува земјата за забрзување на националниот план за вакцинација против КОВИД-19, мора и натаму да ја одржуваме редовната имунизација за да бидеме сигурни дека секое дете во земјата ќе прими вакцина против мали сипаници, заушки, рубеола и други детски болести. Ова значи дека треба да се погрижиме ниедно пренасочување на средствата од услугите наменети за редовна имунизација да не создава тесни грла во пристапот на семејствата до здравствените услуги за редовна вакцинација на децата и до добивањето на услугата. Исто така, мора да поведеме сметка евиденцијата за имунизација на децата и податоците за националната покриеност да продолжат да се ажурираат за да може да се следи било каква промена во редовната вакцинација на децата, рече Ди Џовани.
Според неа, пандемиите и епидемиите се потсетување за важната улога на вакцинацијата во текот на целиот живот, од детството преку адолесценцијата, па сѐ до постарата возраст.
-Повеќе од кога и да е, вакцините се покажаа како најдобро средство што го имаме за да го заштитиме нашето здравје и здравјето на нашите семејства и на нашите заедници. Мора и натаму да се трудиме редовната имунизација на децата да остане врвен приоритет за да се спречат други епидемии на болести кои може да се спречат со вакцини, подвлече Ди Џовани.
Во текот на оваа Светска недела на имунизацијата земјите од целиот свет преземаат активности за да ја нагласат важноста на вакцинацијата за повторно зближување на луѓето, за подобрување на здравјето и благосостојбата на сите, секаде и во текот на целиот живот.
-Вакцините се еден од најголемите напредоци на современата медицина. Во светот тие помогнаат да се намали смртноста на децата за половина и спасија многу животи. Благодарение на редовната вакцинација многумина од нас имаа среќа да растат без да доживеат член од семејството или пријател да почине или да добие трајна попреченост од болести како што се сипаници или детска парализа. Редовните вакцини во детството ги елиминираа овие болести во многу земји. И покрај тоа што во земјата многу сериозни болести веќе не се чести благодарение на вакцините, овие болести и понатаму постојат и може да се прошират доколку луѓето не се вакцинираат. Епидемијата на сипаници во 2018-2019 која одзеде детски животи во Северна Македонија е потсетник дека не смееме да ја потценуваме вакцинацијата на децата, напомена претставничката на ИНИЦЕФ по повод Светската недела на имунизацијата.