Сообраќајната полиција во текот на изминатите 24 часа на подрачјето на Град Скопје извршила увид на вкупно девет сообраќајни незгоди, при што во шест е констатирана материјална штета, а во три со полесни телесни повредии се здобиле тројца сопатници и еден пешак.
Според евиденцијата на сообраќајната полиција, случени се уште три незгоди со мала материјална штета во коишто е пополнет Европскиот извештај за случена сообраќајна незгода.
Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се тројца возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, осум возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, тројца возачи кои не ги почитувале светлосно-сообраќајните знаци на крстосница и 18 возачи кои не го користеле безбедносниот појас или, пак, го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото.
Со помош на специјалното возило „пајак“ од страна на сообраќајната полиција отстранети се 61 возило кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.