Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против седуммина кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик со дејствија со кои на Буџетот на АД ЕСМ-Подружница РЕК Битола му предизвикале значителна имотна штета во износ од 178.370.319 денари. Обвинение е поднесено и за тројца вработени во Бирото за јавни набавки, кои како соизвршители во кривично дело Несовесно работење во службата од член 353в став 4 од Кривичниот законик со пропуштање на должен надзор, очигледно несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности при вршење на управна контрола на постапката за јавна набавка.
Од обвинетите за злоупотреби, тројца се службени лица – членови на Стручната комисија со овластување да извршат евалуација на понудите на јавна набавка за избор на фирма за ископ на јаловина во РЕК Битола, кои спротивно на Законот за јавни набавки донеле одлука со која незаконито ја елиминирале понудата на еден економски оператор од понатамошна евалуација. Иако фирмата доставила доказ дека ги исполнува условите за техничка и професионална способност од тендерската документација, тие сепак ги оцениле ваквите докази како неприфатливи и ја отфрлиле понудата.
Тројца членови на Комисијата за јавни набавки за спроведување на отворена постапка за јавна набавка го прифатиле ваквото стручно мислење, иако спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и на електронската аукција поканиле само два други економски оператори кои имале понудено повисоки почетни цени од елиминираната фирма.
Обвинетиот директор на РЕК Битола го прифатил предлогот за избор на најповолна понуда содржан во Извештајот на Комисијата за спроведување на јавната набавка иако бил спротивен на одредбите од Законот за јавни набавки и на 03.10.2022 склучил договор за ископ на инвестициска откривка во Рудникот Брод Гнеотино со РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола во износ од 708.000.000 денари со ДДВ. Потоа, во септември 2023 година, директорот склучил и анекс кон договорот со кој вредноста на јавната набавка ја зголемил за дополнителни 20% односно за 120.000.000 денари, со што исто така постапил спротивно на Законот за јавните набавки, бидејќи претходно не извршил дополнителна анализа на исплатливост и не ги дообезбедил потребните парични средства кои според законските одредби требало да бидат обезбедени во целост пред склучување на договорот.
Службените лица од Бирото за јавни набавки, обвинети за несовесно работење, извршиле увид во целокупната документација поврзана со јавната набавка и требало да утврдат дека понудата на еден економски оператор е незаконски отфрлена, но тие пропуштиле тоа да го сторат и на договорниот орган противправно му дале инструкции да продолжи со постапката за јавна набавка и да го склучи договорот.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за одземање на противправно прибавената имотна корист од 178.370.319 денари која како резултат на сторените кривични дела од обвинетите била исплатена на правното лице ДПТУ РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола. Оваа имотна корист во текот на постапката, по барање на Основното јавно обвинителство Битола е предмет на привремена мерка за обезбедување имот и средствата се замрзнати на сметка до донесување пресуда.