Џабир Дерала од невладината „Цивил“, е еден од претставниците на невладиниот сектор кој денеска доби папка со CD каде се наоѓаат разговорите кои ги водел додека бил прислушуван од Управата за безбедност и контраразузнавање. Тој вели дека ќе преземе мерки за да се задоволи правдата и ќе бара оштета за одвратното чувство кое го има откако дозна дека бил прислушуван.
-Се чувствувам силувано, повредено, гневно и разочарно, не затоа што ова CD во ранец го добив на оваа прес конференција, туку затоа што знам дека се уште огромен материјал, истиот овој или повеќе од ова, се наоѓа во рацете на оние кои толку многу му згрешија на ова општество и оваа земја. Тоа ме прави детерминиран да продолжам да го правам тоа што го правам и уште еднаш ми се потврди чувството дека сум на вистинскиот пат, на страната на човековите права и слободи – изјави Дерала.
Тој иронично се заблагодари велејќи дека иако невладиниот сектор бил игнорира сите овие години, сепак му било посветено должно внимание.
-Им благодарам што слушаа, мислевме дека не не слушаат, дека не ги следат нашите совети и препораки, нашите заложби активности и протести. Ако некој мислел дека не слушале дознавме дека внимателно слушале, снимале уредно и можам да им кажам благодарам што слушавте – порача тој.
Маја Васева