Денеска се чествуваше Денот на заштитниците на Струмица

Од:

“Овој празник го наследивме од нашите дедовци и прадедовци и сме должни во името Господово и во името на традицијата христијанска да им го оставиме во наследство на нашите деца, внуци и правнуци за да можат и тие да ја продолжат низата на нашата вера христољубива“, рече на денешното чествување на Денот на заштитниците на Струмица, градоначалникот,  Зоран Заев.

Чествувањето на“Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“, почна во раните утрински часови со Света божествена литургија , на која чиноначалствуваше  Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан .

Советот на општината, ја одржа свечената седница.

Градоначалникот Зоран Заев рече дека овој голем ден кога се навршуваат точно 1650 години од денот кога Светите 15 Тивериополски свештеномаченици во името на христијанската вера и човекољубието ги положија своите животи, во Струмица се празнува.

„ Од Светите 15 Тивериополски свештеномаченици можеме да научиме многу нешта, но пред се како да ги вратиме подзаборавените вредности кои човекот го прават вистински човек. Треба да научиме да се сакаме и почитуваме. Треба да научиме како да ги воскреснеме моралните придобивки на човечкиот род. Треба да научиме дека богољубието и човекољубието не смеат да имаат алтернатива наспроти се поизразените белези на нашето време кои се огледуваат во самољубието, властољубието, користољубието и уште многу нешта кои сериозно се закануваат да прераснат во ерозија на вистинските човекови вредности. Нели е време да си направиме себеревизија и да ја преиспитаме целисходноста на нашето постоење. Тоа не ќе можеме да го сториме доколку пред тоа не се збогуваме со нашиот егоцентризам и со строгото робување на некакви идеолошки матрици“ , рече Заев.

На свечената седница на Советот, беа доделени традиционалните годишни награди и наградата за животно дело “Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“ на општина Струмица за 2012 година.

Денеска во рамките на празнувањето беше откриено и Спомен обележје на  жртвите во пожарот во јули оваа година, Пено Стојанов, Блажо Стојков, Митко Георгиев и Војо Гркљанов. Откривајќи го спомен обележјето, градоначалникот Зоран Заев рече:

“Има некаква симболика во поврзаноста на овој свечен чин и денот кој денес го чествуваме. Заштитниците на Струмица, Светите 15 Тивериополски Свештеномаченици ги положиле своите животи во одбрана на христијанството и за доброто на овој наш град, а спомен обележјето што денес го откриваме е во чест на четворицата наши сограѓани  кои исто така ги положија своите животи, но во одбрана на Струмица од огнената стихија. Едните, поради својата херојска мисија  од поодамна ги прогласивме за вековни заштитници на Струмица, другите пак со своето херојство на дело докажаа дека и тие на себе својствен начин беа заштитници на градот“, рече градоначалникот Заев.

Спомен обележјето на жртвите во пожарот се наоѓа на булеварот “Маршал Тито“ во централното градско подрачје.

Струмица, својот ден го прослави под снежна обвивка.

 

Би можело да ве интересира

Тешка сообраќајна несреќа во Струмица, повредени неколку лица

А1он

Струмичани ќе се возат во јапонски автобуси од 700.000 евра

Орце Костов

Најмногу дожд во Струмица

Во Струмица мерки за заштита од загадениот воздух

Мајка од Струмица e осомничена за запуштање и малтретирање на дете

Горан Наумовски

Трите деца од семејството на девојчето кое се лекува од тешки повреди во Клинички во Скопје ќе добијат старател

Катерина Ѓуровски