По повод Светскиот ден на бездомните животни, здружението „Анима мунди“ повтори дека заедно со 16 здруженија бараат измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура и конечно, пред сè законска забрана за еутаназија на бездомните животни. Според нив, ова е единствен закон кој примарно мора да ги штити правата на животните, пред сè нивното право на живот.
„Не сме задоволни со досегашните измени, не прифаќаме игнорирање на она што е наше основно барање и фокус со години: Барање за јасна, децидна забрана за еутаназија како механизам за справување со бездомната популација кучиња затоа што усмртувањето се применува со децении и не донело резултат, го продлабочило проблемот, дало можност на надлежните наместо трајно решавање, само да симулираат привидно намалување фокусирајќи се на краткорочни ефекти, а потоа драстично продлабочување на проблемот што ги изложува граѓаните на опасност. Убивањето крај нема. Сега откако за првпат коректно се уредува одговорното сопствеништво во рамки на законот, што го поддржуваме, на којашто ургентност и важност укажувавме со години, затоа што неодговорните сопственици се причинител бр. 1 за прилив на нови и нови бездомни кучиња на улиците, итно е потребно со закон да се забрани убивањето на бездомните животни и спречи произволноста, неодговорноста, нехуманоста со која општинските власти манипулираат, животните се убиваат, се трошат општинските ресурси, а проблемот се продлабочува до недоглед“, велат од „Анима мунди“.
Освен забраната за еутаназија на здрави бездомни животни, животни кои се излечиво болни и животни за кои постои интерес да бидат вдомени, тие бараат дефинирање на дополнителни забрани кои ќе ја унапредат заштитата и благосостојбата на животните. Тука посочуваат на забрана за чување кучиња постојано врзани на синџир или во бокс, без да се овозможи слободно движење надвор од тој бокс; забрана за чување, одгледување и користење копитари во урбана средина; забрана за користење копитари за извлекување дрва; забрана за колење и усмртување животни во ритуални обреди, надвор од кланици; забрана за одгледување кокошки во основен кафезен систем.
Велат дека законско овластување на здруженијата за заштита на животни за спроведување одредени одредби на законот, вршење надзор, проверка на одговорното сопствеништво, т.е. измени од кои би произлегла можноста за наменски овластена служба за заштита на животните формирана од претставници на здруженијата за заштита на животни.