„Ден на празот“ во Градашорци

Од:

Во населеното место Градашорци, Општина Василево денеска по деветти пат се одржа манифестацијата „Ден на празот“. Традиционалната празијада има за цел да го популаризира ова место како поднебје кое дава најквалитетен праз не само во Македонија, туку и пошироко.

– Мислам дека успеавме со нашата цел. Тука на едно место ги собравме преработувачите, откупувачите и секако земјоделците производители, заедно да поразговараат за оваа градинарска култура. Истовремено нашите домаќинки подготвија вистински специјалитети од праз. Во овие девет години станавме препознатлив белег, а Празијадата носи на едно место посетители не само од регионот, не само од Македонија, туку и од странство, истакна градоначалникот на Општина Василево, Ванчо Стојанов.

Тој беше домаќин на гости градоначалници од Република Бугарија, но и од Италија. Ваквата посетеност од страна и на официјални претставници на странки локални власти за ресорното министерство е показател дека Празијадата е вистински погодок во популаризација на квалитетниот праз што го дава Градашорци.

– Манифестацијата е од особено значење затоа што ваквите настани значат анимирање на сите општини од соседството и од надвор од Македонија. Празијадата како манифестација и како посебно обележје е од значење и за Василево, но и за Македонија, зашто препознатливоста на Градашорци по производство на квалитетен праз не е само за домашните, туку и за странските пазари. Посебна препознатливост имаме на балканските простори, истакна заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски.

Костадиновски додаде дека Министерството ќе продолжи со финансиска поддршка на Празијадата. Нагласи дека остануваат посветени за развој на оваа општина во која досега се слеале милион и пол евра како директни плаќања, а Општина Василево, според него, со потрошени милион и 700 илјади евра е рекордер во искористеноста на средствата од Програмата за рурален развој во делот за рурална инфраструктура.

– Општина Василево со овие пари изгради рурална инфраструктура, локални улици, преку изградба на канализациска мрежа, локални патишта. Овие наши проекти се со цел да го подобриме стандардот на земјоделците од овој крај и да се почувствуваат дека се битни и значајни во делот на она што најдобро го знаат, а тоа е производството на градинарски култури, рече Костадиновски.

Според него, Василево е позната и по тоа што заедно со Владата вложуваат во индустриски зони каде се отвораат преработувачки капацитети и откупно-дистрибутивни центри.

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза