„Врз основа на анализата на ЕУ за дигитализација во образованието, која опфаќа околу 40 образовни системи (28-те членки на ЕУ и Албанија, БиХ, Северна Македонија, Швајцарија, Лихтенштајн, Црна Гора, Норвешка, Србија, Турција и Исланд) искуствата покажуваат дека во државите членки на ЕУ, како и во други поразвиени држави, дигиталното образование во основното, средното и високото образование е во многу понапредна фаза и има успешни примери за практичната примена“, велат од ДС.
„Демократскиот сојуз смета дека дигитализацијата во образованието е неопходен процес и истата треба да се прави постепено и врз основа на разработен концепт. Најпрво, потребно е да се направат технички подготовки во основните и средни училишта и факултетите, да се едуцираат наставниците и професорите, како и самите ученици и студенти. Онлајн наставата е добра основа за да започне поинтензивна дигитализација и во македонскиот образовен систем.
Во врска со дигиталните учебници предлагаме да има преоден период од 3-4 години во кој ќе се применува и електронска и печатена верзија на учебниците. На овој начин ќе се обезбеди потребното време за адаптација и подготовки за успешна имплементација на дигиталните учебници, како и чекорите кои ќе следат во понатамошната дигитализација на образованието.
Инаку, Демократскиот сојуз и понатаму има резерви околу концептот на основно образование, посебно во врска со групирањето на повеќе предмети во еден, историјата да не биде самостоен предмет и сл“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.