Делегација од Министерството за одбрана на состанок на СЕДМ процесот во Грузија

Од:

Делегација од Министерството за одбрана предводена од државниот секретар Драган Николиќ, денеска во Батуми, Република Грузија присуствуваше на состанок на South East Defence Ministerial – СЕДМ процесот на ниво на министри за одбрана на земјите-членки.

Како што соопшти Министерството за одбрана, освен делегацијата од Република Македонија, на церемонијата присуствувале делегации од сите земји – членки на СЕДМ, претставени од министри за одбрана, државни секретари, директори за одбранбена политика, амбасадори како и претставници од командата на Бригадата на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ).

На состанокот, покрај усвојувањето на документи од значење за натамошната работа и развој на СЕДМ – процесот, министрите за одбрана и високите претставници од земјите членки на СЕДМ процесот го потпишале документот „Локација на командата на СЕЕБРИГ и табела за ротација на критичните позиции по 2015 година“ со кој и формално се потврдува дека Република Македонија во период од 2020 до 2026 година ќе биде домаќин на Штабот на СЕЕБРИГ, а Министерството за одбрана на РМ ќе биде претседавач со СЕДМ процесот во период од 2027 до 2029 година и од 2033 до 2035 година.

Учесниците го поздравиле прогресот на иницијативите како вежбата за развој на симулациска мрежа, интерконекциска поврзаност на воените медицински капацитети, изградбата на интегритет и развојот на жените лидери во одбраната, како и развојот на постојан интернет портал на СЕДМ.

СЕДМ претставува процес соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (ЈИЕ). За првпат беше инициран во март 1996 година, во Тирана, како прв од серијата состаноци на министрите за одбрана, замениците министри за одбрана и замениците началници на Генералштаб на земјите од Југоисточна Европа.

Земји членки на СЕДМ се: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грузија, Грција, Италија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија, Македонија, Турција, Украина, САД додека Молдавија има статус на земја набљудувач.

Суштината на СЕДМ процесот е јакнење политичко-воената соработка во регионот, со цел подобрување на стабилноста и безбедноста во ЈИЕ. Во периодот 2017-2019 година со координативните тела на СЕДМ иницијативата претседава Република Грција.

На маргините на состанокот, државниот секретар Николиќ остварил средба со претставници на хрватското Министерство за одбрана, на која станало збор за одбранбената соработка помеѓу двете земји, а била изразена и поддршка за членството на Македонија во НАТО.

Би можело да ве интересира

Шпанија e под притисок: Мора да троши повеќе на одбрана

Саакашвили осуден на девет години затвор

Горан Наумовски

Елфет Исмаили нова заменик министерка за одбрана

МО: Насковски уште во мај 2023 година е разрешен од функцијата претседател на синдикалната организација НСПВ

НСПВ: Министерството за одбрана ја сопре членарината на синдикатот и на тој начин го оневозможува синдикалното делување

Горан Наумовски

Петровска со иницијатива за подигање спомен обележје во Тетово за загинатите во масакрот кај Вејце

Ана Ололовска