Дел од матичните не штрајкува: Во бели мантили треба да излеземе пред Владата  

Од:

Ако на неколку часа во бели мантили излезат пред Владата, Министерство за здравство или на улица, некои од матичните лекари сметаат дека многу појасно ќе го искажат насобраниот револт од здравствените политики и непреземањето мерки за подобрување на условите за работа во примарното здравство. Многумина, иако официјално го поддржуваат тридневниот штрајк, денес работеле.

„Цела армија пациенти ме чекаа кога дојдов утрово на работа и покрај најавите дека штрајкуваме“, вели матична лекарка од Скопје.

Некои од матичните забележаа што заедно со одлуката за штрајк во ординациите не било донесено упатство или некаков правилник за тоа кои пациенти ќе се прифаќаат.

Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари, потврди дека една група лекари не го поддржуваат штрајкот. Таа смета дека немало потреба од правилници и упатства за штрајкот.

„Сите ние сме лекари, знаеме да утврдиме што е итно и да помогнеме онаму каде што е неопходно, непотребни се дополнителни упатства. Онаа група лекари што не штрајкуваат е сосема мала во однос на лекарите што штрајкуваат, на раце може да се избројат лекарите од семејната медицина што најавија такво нешто. Јас со сигурност кажувам дека нема лекар што не сака да работи во подобри услови. За штрајк пред Владата разговаравме, но мнозинството се одлучи за оваа форма за да не ги изложуваме на дополнителни трошоци колегите, кои, за да штрајкуваат, треба да патуваат“, вели Чолакова-Дервишова за „А1он“.

Ниту Министерството за здравство ниту Фондот за здравствено осигурување не направил контакт со неа од почетокот на штрајкот. Министерот Беким Сали минатата недела рече дека не поддржува штрајк кој е на штета на пациентите и посочи дека решение треба да бараат заедно на маса, а измените не може да се случат веднаш, туку треба време.

„Ние име на државата сменивме, сè може да се смени. Јас сум во оваа професија 30 години и никој не може да ми каже дека требаат месеци за да се направат измените, кои ги бараме пет години. Имало случаи кога за еден ден измените излегувале во ‘Службен весник’. Не е толку комплицирано да се зголеми капитацискиот бод, пациентите, место на лекарот, да бидат на ПЗУ и да се укине дестимулативната скала. Нека ни ги прифатат барем овие три барања за да видиме дека има соработка“, вели Чолакова-Дервишова.
Таа нагласи дека штрајкот може да го прекинат само во случај да видат дека овие барања се сменети и објавени во „Службен весник“.

„Само тогаш ќе веруваме. Со Филипче се фотографиравме дека сме постигнале договор за пациентите да се водат на ПЗУ за да нема затворање фирми кога некој лекар ќе се пензионира, но ништо од догворот не се реализира“, се пожали Чолакова-Дервишова.

Штрајкот, четврти по ред годинава, продолжува утре и в среда. Повеќето од матичните лекари не издаваат рецепти и упати и не работат во системот „Мој термин“.

Би можело да ве интересира

Вработените во авиокомпанијата Боинг стапија во штрајк за прв пат по 16 години

Што подолго без договор, поблиску до прекин на наставата-ниту законот на Груевски не може да спречи штрајк

Предраг Петровиќ

Штрајкуваат вработените во МАНУ, бараат повисоки плати

Горан Наумовски

Генерален штрајк во Израел: Судот нареди -веднаш престанете

Штрајкот на Пошта во мирување, се чека Владата за помирувачот да закаже состанок со новиот министер

Анита Петровска Рајковиќ

Матичните лекари се жалат на казните за пречекорување на издадени лекови