Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба. Според мерките предвидени во оперативниот план, полициските службеници реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. Евидентирани се 11 нови лица во самоизолација на ова подрачје и извршени се 96 контроли врз овие лица.
„Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.
Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана за движење за сите граѓани на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16 часот до 05 часот наредниот ден и за време на викедот, од петок од 16 часот па се до 05 часот во понеделник. Апелираме на совесно и дисциплинирано придржување до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик“, информираат од МВР.