Даниловски: Можен е пик на почетокот на април, необјасниво е како со зголемени бројки се цени дека полицискиот час дава резултати

Од:

Од воведувањето на полицискиот час на 10 март до денес бројките и на новозаболени, и на починати и на лица на кои им треба болничко лекување поради компликации од коронавирус се во нагорна линија, но ниту Комисијата за заразни болести ниту Владата не објаснија на што ги темелат одлуките да не се зголемат рестрикциите, како што минатата недела беше најавено доколку бројките се во пораст.

Анализите покажуваат дека во есенскиот бран речиси два месеца имало над 800 новозаболени дневно, во сегашниот бран, над 800 новозаболени дневно почнаа да се бележат од 3 март

Владата денес го усвои предлогот на Комисијата за заразни болести да се продолжи истиот полициски час, од 22 до 5 часот до 6 април, но без јавно да се покаже анализа каков резултат дала неговата досегашна примена.

„А1он“ побара објаснување за ефектот од досегашниот полициски час од претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, но тој не одговори на повиците ниту, пак, на пораките. Го прашавме како во услови на пораст на бројките ценат дека полицискиот час дава резултати и се продолжува неговата важност како мерка.

Зголемените бројки, наспроти продолжување на истата мерка, не може да си ги објасни ниту епидемиологот Драган Даниловски. Тој минатата недела апелира за викенд да се прогласи карантин за да спечи порастот на новозаболени и да се намали притисокот брз болниците.

„Јас немам објаснување врз основа на што Комисијата за заразни болести ценела дека мерките дале резултат. Можеби тие располагаат со елементи за процена што мене не ми се познати, сепак, јас сум надвор од системот на одлучување“, вели епидемиологот Даниловски.

Пик на почетокот на април

Денес е регистрирана најголемата бројка на починати во третиот бран – триесетмина за 24 часа, во есенскиот бран најмногу починати во еден ден, 46, имаше на 9 декември

Минатата недела, во петокот, министерот за здравство, Венко Филипче, уверуваше дека полицискиот час дал ефект и дека бројките ќе се намалуваат објаснувајќи дека дневната бројка на новозаболени за тој ден е под 1.000. Но, само еден ден по изјавата, во саботата, беа регистрирани најмногу новозаболени во овој трет бран – 1.299 лица, а денес е регистрирана најголемата бројка на починати во третиот бран – триесетмина за 24 часа.

Иако се во постојан пораст, бројките и на новозаболени и на починати сѐ уште не ги надминале најголемите дневни бројки на новозаболени и починати во есенскиот бран.

Најмногу новозаболени во есенскиот бран беа регистрирани на 18 ноември кога имаше 1.402 нови случаја, а најмногу починати беа забележани три недели подоцна, на 9 декември, кога за 24 часа починаа 46 лица.

Анализите покажуваат дека во есенскиот бран речиси два месеца имало над 800 новозаболени дневно. Во овој бран над 800 новозаболени дневно почнаа да се бележат од 3 март. Епидемиологот Даниловски вели дека, врз основа на искуството од претходниот бран, ќе помине уште извесен период за болеста да го постигне пикот.

„Претпоставувам дека пикот би бил на почетокот на април. Но, тоа е само интелектуална претпоставка“, рече Даниловски.

Денес, Министерството за здравство извести за 30 починати лица и 457 новозаболени од 1.682 тестирани. На болничко лекување се вкупно 1.315 пациенти за разлика од минатиот понеделник кога во болниците се лекуваа 1.040 пациенти.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски