„Дами проверете се“ – Јавна дебата на ФОН за подигање на свеста за ракот на дојка

Од:

Карциномот на дојка не треба да е таму тема. Статистиките покажуваат дека старосната граница на заболени во нашата држава, за жал се намалува и често се случува ракот на дојка да се појави кај жени и под 40 години. Затоа, подигањето на свесноста за потребата од информација и едукација, самопрегледи, редовни лекарски прегледи и контроли се неопходни алатки за превенција од ризикот за заболување од карцином на дојка. Но, тоа не е доволно. Неопходно е унапредување на здравствената заштита и полесен пристап до превентивните и навремени прегледи, бидејќи навременото откривање на болеста значи шанса за лекување, шанса за живот!

Ова е заклучокот од јавната дебата која што вчера вечер ја организираше Американскиот универзитет на Европа – ФОН и АУЕ – ФОН ТРЕНИНГ ЦЕНТАРОТ на тема Ladies, check yourselves!  – Дами проверете се! по повод одбележувањето на розовиот месец октомври, посветен за подигнување на свесноста за ризиците и потребата од редовни лекарски контроли со цел превенција и навремено откривање на ракот на дојка.

Заменик – директорката на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, проф.д-р Александра Србиновска Дончевски на отворањето на дебатата истакна дека во светот на секои 2 минути се дијагностицира по една жена со рак на дојка.

„Оттука, ова е аргумент дека за оваа болест не треба да зборуваме само во месец октомври, туку сите 365 дена во годината. Во времето во кое што живееме, вистина е дека оваа болест може секому да се случи, дека нема правило и затоа треба да делуваме превентивно. Она што сакам да го потенцирам е дека грижата за сопственото здравје треба да ни биде приоритет на секој од нас“, изјави Србиновска Дончевски на почетокот на дебатата.

Според Маја Стојчевска – Чапова, д-р на медицински науки, Европски Борд за дијагностика на дојка (EBBI), специјалист по радиодијагностика во клиничка болница „Аџибадем Систина“ редовните превентивни прегледи овозможуваат рана дијагноза на карциномот на дојка. Таа истакна дека дури 99% од рано дијагностицираните карциноми на дојка (стадиум 0 и 1) имаат комплетно излекување.

„Инциденцата на карциномот на дојка е во постојан пораст, при што возрасната граница значајно се спушта. За жал 11% од карциномот се дијагностицира кај жени под 40 години, популација која не е опфатена со тековните скрининг програми. Поради тоа, жените вообичаено се јавуваат на лекар веќе со симтоми, а тоа значи дека стадиумот е повисок, а исходот понеизвесен“, нагласи д-р на медицински науки, Маја Стојчевска – Чапова, специјалист по радиодијагностика во клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Примариус д-р сцецијалист, Никола Васев – онколог и шеф на Оддел за рак на дојка при Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија истакна дека освен кај жените и кај мажите се дијагностицира карцином на дојка.

„На 100 жени, кај 1 маж се дијагностицира рак на дојка. Точно е дека бројките на заболени од карцином во нашата држава се високи. Дневно на Клиниката за радиотерапија и онкологија има по 70 пациентки кои примаат терапија. Но, на оваа статистика не треба да се гледа поразително, бидејќи раниот преглед спасува живот. Затоа, секоја жена од млади години треба да се грижи за своето здравје и да се прегледува. Животот е непредвидлив и сè може да се случи. Но верувајте во себе и ќе победите“, им д-р Васев порача на присутните.

Според д-р Маја Јакимовска, специјалист по радиодијагностика и супспецијалист по гинеколошка и мама дијагностика при Градска општа болница „8 Септември“ не постојат методи на дијагностика кои што даваат 100 отсто точни резултати. Затоа, при дијагностиката на карцином на дојка, според Јакимовска треба да се земат превид сите методи, почнувајќи од ехо, мамографија, па и биопсија. „Моментот кога ќе се соопшти дијагнозата, исклучително е тежок. Но, не сте сами. Ние лекарите сме тука со вас и заедно ќе се бориме“ ги охрабри присутните на дебатата д-р Јакимовска.

Своето животно справување со карциномот на дојка го сподели Лила Филиповска, која истакна дека по соопштувањето на дијагнозата одлучила да се оперира во Турција пред сè затоа добила поддршка и стекнала доверба во лекарскиот тим. „Кај никој од докторите во Македонија не почувствував сигурност, емпатија и доверба. Јас сето тоа го добив во Турција, но лекувањето по операцијата го продолжив овде затоа што добив уверување од тимот на Онкологија дека терапијата која ќе примам е иста насекаде. Затоа велам дека јас 50 отсто се излекував во Турција, а 50 отсто во Македонија“, рече Филиповска која пред присутните на дебатата призна дека воопшто немала сила да зборува за болеста додека се лекувала. Затоа, продолжила да живее и да работи како ништо да не се случува. „Признавам, воопшто не беше лесно, но Бог ми даде неверојатна сила за која не бев ни свесна дека ја поседувам. Секако, непресушна енергија ми беше љубовта на мојот син, моите најблиски, пријателите“, истакна Филиповска.

И Маја Трајковиќ, професор по француски јазик и магистер по менаџмент во образование –  авторка на книгата „Пресек“ успешно се справила со карциномот на дојка. Таа, страшната дијагноза ја добила на само 41 година, без никакви симптоми. „Лекот е во нас. Јас го одбрав животот. Болеста ја победив со активен ум и смирена душа. Затоа, почнав да пишувам и моето искуство го опишав во книгата „Пресек“, каде всушност кажувам како пресеков, односно решив дека ќе живеам“, нагласи Трајковиќ.

На дебатата Ladies, check yourselves!  – Дами проверете се! учествуваше и министерот за здравство, Фатмир Меџити кој истакна дека како министер кој е на функција само неколку месеци нема магично стапче да ги реши сите проблеми во здравството, вклучувајќи ги и предизвиците со кои се соочуваат болните од карцином на дојка.  Тој нагласи дека Министерството за здравство во континуитет ја спроведува националната скрининг програма за рано откривање рак на дојка. Оваа година, со неа се опфатени жените во возрасната група од 45 до 69 години, кои не направиле мамографија последните две години, како и жените на возраст од 40 до 44, кои имаат член во семејството со рак на дојка и или друг дополнителен ризик фактор.

„Скрининг мамографијата е бесплатна за жените во програмата, односно партиципацијата ја покрива министерството. Само од почетокот на годинава се реализирани над три илјади прегледи во рамки на овој скрининг. Неодамна имплементиравме значајни новини во однос на патеката за преглед на дојка, со цел жените да направат преглед на дојка согласно нивната клиничка слика, однсно медицинска потреба. Тоа значи дека жени со клиничка слика за промени во дојката добиваат упат за преглед на дојка, а радиологот ги издава потребните дополнителни упати за биопсија итн. Со ова значително се олеснува пристапот на жената до потребната здравствена услуга“, истакна пред многубројните присутни на дебатата, министерот за здравство д-р Фатмир Меџити.

Генералниот директор на АУЕ – ФОН, м-р Сефер Цаноски на дебатата посочи дека државата треба да направи дигитална трансформација во областа на здравството и да се воспостави правилен систем на дијагностицирање и лекување на болните од карцином. Државата, според Цаноски треба да преземе мерки и да утврди кои институции можат да прават прегледи, особено кога станува збор за скринингот. „За карциномот не треба да се молчи, туку да се отворено да се комуницира, да се зборува постојано. Зборот понекогаш може да спаси живот“, порача директорот Цаноски, охрабрувајќи ги сите присутни дека зголемувањето на свеста за редовните и навремени контроли ќе придонесе за намалување на бројот на дијагностицирани заболени од рак на дојка во државата.

Би можело да ве интересира

Расте бројот на новозаболени и на смртни случаи од рак на дојка, лани починале 346 жени

Катерина Ѓуровски

Прва дебата меѓу Трамп и Бајден: Забранети ќе бидат напишани белешки, на масата ќе има само хартија, пенкало и вода

A1on

Негативни коментари по дебатата на МРТ: „Ова не е дебата, туку квиз“

Јакимовски е против уставни измени со цел внесување на Бугарите во Уставот

(ВИДЕО) Филиповска за канцерот: 50 отсто бев излечена во Истанбул, 50 отсто ме излечија во Македонија

А1он

Левица: Нема термини за прегледи за рак на дојка поради катастрофалната состојба во здравството