Европската агенција за лекови (ЕМА) закажала состанок на бордот меѓу шести и деветти април на кој се очекува да се донесе став по различните препораки за вакцинирањето со вакцината на „Астра зенека“. Поради згрутчување на крвта кај лица помлади од 60 години, министерот за здравство Венко Филипче го стопираше вакцинирањето со „Астра зенека“ на лица помлади од 60 години кај нас. Вакцината се дава на повозрасните оти нема пријавени негативни ефекти кај лица над 60 години. Од ставот на ЕМА ќе зависи и ревакцинацијата на Македонците кои се вакцинираа во Србија.
„За ЕМА закажан е состанок на бордот во периодот меѓу шести деветти април. Тогаш ги чекаме препораките за вакцинирање со вакцината на ’Астра зенека’. Ако ставот е да се продолжи вакцинирањето, сите кои се вакцинираа во Србија ревакцина ќе може да добијат тука. Ќе ги чекаме и препораките дали по првата вакцина може да се ревакцинираат со некоја друга вакцина и ќе се раководиме по тие препораки“, рече министерот Филипче.
Тој, од српските здравствени власти, се уште го чека списокот на вакцинирани Македонци во Србија. Според досегашните претпоставки вакцини во Србија примиле околу 10.000 Македонци. Голем дел од нив ја примиле вакцината на „Астра зенека“, која по масовното викенд вакцинирање, беше забранета кај нас за лица помлади од 60 години.