„Да се пресече синџирот на криминалот и да се истера правдата“ – порачаа родителите на загинатите во „Пулс“ на протестниот марш во Кочани

Од:

Време е да се пресече синџирот на криминалот и да се истера правдата на виделина, затоа што и врапчињата знаат за корупцијата и злото што владее кај нас, порачаа родителите на настраданите во пожарот во клубот „Пулс“ на четвртиот протестен марш „Задоцнета реакција“ што денеска се одржа во Кочани.

Во пораката до институциите кои се одговорни за функционирање на системот во државата побараа тие да не ја одбегнуваат одговорноста и да ја сфатат болката што ја чувствуваат по своите деца.

-Дали ќе прикривавте луѓе кои се соучесници ако убиените деца беа вашите? Можеби тогаш ќе сфатите дека единствената причина за којашто се бориме е правдата за нашите млади убиени деца. И претходно, и сега, и во иднина ве потсетуваме дека нема да застанеме тука, ќе се гледаме на други места, посилни. Ова е само почеток на нашата борба за прерано згаснатите животи, за нивните нереализирани соништа, за нивната насилно прекината младост. Правда мора да има и сите соучесници во ова убиство мора да одговараат пред законот, порача Јулија Златкова, мајка на настрадан во пожарот.

Во краткиот прекин на маршот пред зградата на Општина Кочани, во која се сместени државните инспекциски служби, беше упатено прашање дали им е потребна дополнителна обука за да можат ефикасно да си ги извршуваат работните задачи.

Пред Полициската станица во Кочани, учесниците на маршот побараа одговорност од полициските службеници кои претходно не ја спречиле трагедијата во „Пулс“.

-После таа кобна ноќ дознаваме дека таа дискотека била дувло за многу криминални дејствија, меѓу кои за продавање, купување и консумирање дрога. Дали се правевте слепи и заради нечии профити дозволивте цената да ја платат нашите деца со нивниот прерарно одземен живот. Која е причината за вашето постоење како државен орган воопшто? Затоа бараме одговорност од вас, МВР, затоа што можеби други ве амнестирале, ама ние не, беше речено на протестниот марш.

Пред Основниот суд и Обвинтелството родителите и блиските на починатите порачаа дека правдата мора да биде задоволена и да се соопштат вистинските виновници за несреќата.

-Да ги прашаме обвинителите, дали толку вредеа животите на нашите деца, па да постапуваат со „притвори – пушти“. Дали виновните си ја плаќаат слободата? Кој потпишува документи дека децата ни се безбедни на јавни простори? Здравиот разум размислува што ќе потпише, а нечесниот и алчен потпишува без да се плаши пред судот Божји, рекоа родителите.

Протестниот марш заврши во Паркот на Револуцијата од каде и почна, а роднините на настраданите порачаа дека ќе продолжат со собирите и во наредниот период ќе бидат уште погласни во барањата за правдата.

Би можело да ве интересира

Азизи: Зајакнувањето на истражниот центар, постапувањето по црните листи и борбата против перењето пари се клучни приоритети во кандидатурата за шеф на ОЈО ГОКК

Предраг Петровиќ

Реакција на министерот за правда во врска со случајот на Ива Михаилова

Средба на министерот Муцунски со бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова

Предраг Петровиќ

Не се утврдени елементи на кривично дело за неовластен пристап до компјутерскиот систем во Кабинетот на Претседателката на државата

Муцунски: Патот на Македонија кон ЕУ да биде заснован врз заслугите, а не оптоварен со историјата и минатото

Уставниот суд укина одредба од Законот за социјална заштита и поведе две постапки