Професор д-р Никола Пановски, микробиолог, вели дека со денешните предложени мерки од Комисијата за заразни болести, се е оставено на свеста на граѓаните и дека гледано од медицински аспект, потребни биле поригорозни мерки во пресрет на новогодишните и божиќните празници.
„Овие мерки немаат влијание, потребни беа поригорозни мерки. Од здравствен аспeкт сега се е оставено на свеста на граѓаните, и од самите нив ќе зависи што ќе се случува за еден месец. Со ваквите мерки, постои можност вирусот побрзо да се шири. Затоа и карантинските мерки сега имаат улога, односно пред да дојдат вакцините, да се спасат што повеќе луѓе. Карантините немаа улога во април, но можат да имаат сега“, вели Пановски за „А1он“.
Комисијата денеска предложи од овој петок па до 21 јануари угостителските објекти да затвораат во 18 часот наместо во 21 часот, а хотелските ресторани во 21 часот. Од Комисијата апелираат да нема групирања по домовите, да нема прослави на работните места и да се забрани групирање на плоштадите за прослава на Новата година. Во сила останува забраната за собири на јавни места.
Реакциите за ваквите мерки се различни. Дел од граѓаните ги оправдуваат, дел сметаат дека не треба товарот да паѓа единствено врз угостителите, а дел пак сметаат дека е потребен карантин, со цел да се намали ширењето на коронавирусот.
Владата на утрешната седница ќе ги разгледува предлог-мерките на Комисијата за заразни болести.