(ВИДЕО) Црвенковски: Апсурдна е тезата „за идентитетот не преговараме, а за историја ќе се договараме“

Од:

Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање туку, напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис, едноставно, не е можен. Ова го истакна експретседателот и премиер Бранко Црвенковски говорејќи на дебата на Советот на амбасадорите.

Правејќи споредба помеѓу договорот со Грција и Бугарија, Црвенковски вели дека преспанскиот не го смета за добар, уште помалку за идеален, но претставува избор на помалото зло. Сепак, како што рече Црвенковски, овој договор затвори едно тешко отворено прашање и односите се подобрија, а по договорот со Бугарија, сосема спротивно – односите се неспоредливо полоши од претходно.

„Потпишувањето на договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, особено со формулацијата ‘заедничка историја’ и со формирањето на мешовитата историска комисија, со мандат да арбитрира за историските настани и личности, беше голема грешка. Тезата што се пласира во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата ќе се договориме, во самата своја основа е апсурдна. Секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес, кој се потпира на одредени историски меѓници, настани и личности. Ако тие меѓници ви бидат одземени и прогласени за туѓи, од националниот идентитет не останува ништо, освен празна реторика. Книга со корици и празни листови. Јас не тврдам дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето. Но, во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот што постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува преземените договорни обврски. Позициите презентирани од страна на официјални претставници на Република Бугарија се такви што не оставаат простор за каков било оптимизам“, рече Црвенковски.

Како што додаде, единствено можно решение е секоја страна да си го задржи правото на сопствено видување и притоа тоа да не претставува никаква пречка во билатералните и мултилатералните односи. Според Црвенковски, треба веднаш да се прекине со праксата присутна во последните 4-5 години на лесно и без основа подигање на очекувањата дека решението е на повидок и само што не се случило. Големи, а нереализирани очекувања водат кон големи разочарувања, рече експретседателот.

Тој порача дека јавноста треба да биде подготвена дека блокадата од страна на Бугарија може да потрае подолг временски период и дека поради тоа, нема да ги почнеме преговорите со Европската Унија. Тоа за Македонија, се разбира, не е добро, но никако не смее да се доживее како национална трагедија, која ќе нè парализира. Напротив, треба да претставува поттик да почнеме многу посериозно и поодговорно да си ги средуваме работите дома, рече Црвенковски.

Експретседателот додаде дека како држава се однесуваме како да е почетокот на преговорите цел сама за себе, а не само една етапа од долг процес со сериозни предизвици и неизвесен крај, кој нема да зависи само од нашите резултати и достигнувања, туку и од плановите и интересите на постојните, особено најмоќните членки на Унијата.

Би можело да ве интересира

Ковачевски за идејата на Црвенковски: Во негово време беше неостварливо да бидеме членка на НАТО и да преговараме со ЕУ

A1on

Иницијатива на Бранко Црвенковски: Пристап до фондовите на ЕУ и излез на заедничкиот пазар додека траат преговорите со Брисел

A1on

Црвенковски: Недозволиво е да немаме амбасадор во Вашинтон и да ни ги одбиваат предлозите

Ана Ололовска

Црвенковски: Ако нашата идеја е „НАТО ќе нѐ брани, ЕУ ќе нѐ храни“, ниту ќе се одбраниме ниту ќе се нахраниме

А1он

Црвенковски не ги коментира шпекулациите дека ќе формира партија

Жарко Настоски

Црвенковски бара СДСМ да се огради од ставовите на Заев: Го замрзнувам моето членство до седница на Централниот одбор

Ана Ололовска