„Сите бои на љубовта“ е насловена изложбата на цртежи од деца со аутизам создадени на неколку работилници кои ги организираше Националната галерија на Македонија (НГМ) во соработка со Здружението „Мојот свет“.
На изложбата се претставени дел од стотина цртежи на различни теми, изработени во техника акрил, кои се резултат на заедничка работа на децата со аутизам, нивните родители, дефектолози и тимот вработени во НГМ. Поставена е во галеријата Чифте амам по повод Месецот на лица со аутизам, а попладнево официјално ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Целта на овој настан и на работилниците кои му претходеа е да се зголеми свесноста на луѓето за лицата со аутизам и за важноста од нивното вклучување во општеството, како и на сите лица од ранливите категории.
– Овие цртежи пленат со својата енергија и уметничката слобода која е одраз на огромниот творечки потенцијал и инвенцијата на овие мали, но големи уметници. Оваа изложба несомнено е доказ дека не смееме да бараме разлики меѓу нас, да го потенцираме тоа што не прави различни туку, напротив, треба да градиме заеднички вредности кои не спојуваат, истакна Канческа-Милевска. Нагласи дека треба да се подигне свеста за лицата со аутизам како рамноправни и корисни чинители во општеството затоа што, рече таа, спецификите на аутизмот се уште се недоволно познати за поголем дел од јавноста.
Во таа насока, Канческа-Милевска најави дека во соработка со Министерството за труд и социјална политика ќе се реализира проектот „Инклузивни и креативни“, преку кој творбите на лицата со посебни потреби сместени во дневните центри низ Македонија ќе може да се продаваат во сувенирниците во градовите.
НГМ ваков настан организираше и на Светскиот ден на лицата со посебни потреби (3 Декември) а, како што рече директорката Маја Неделковска-Брзанова, НГМ ќе организира и во иднина активности за деца од различна возраст, независно од физичката или менталната попреченост.
– Уметноста е нераскинлив дел од севкупното општествено и културно живеење и со својот единствен визуелен јазик ги урива сите бариери, воспоставувајќи глобална комуникација меѓу луѓето, рече Неделковска-Брзанова на отворањето на изложбата, која беше збогатена со музички настап и стихови на дел од нејзините учесници.