ЦРМ: Избори 2014 – Примената на медиумските одредби од изборниот законик и работата на АВМУ, ДИК и МРТ

Од:

„Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), во рамките на програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Република Македонија и Проектот за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера, за време на претседателските и вонредните парламентарни избори 2014, спроведе мониторинг на работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и на  Државната изборна комисија (ДИК). Мониторинг тимот на ЦРМ, ги следеше седниците на АВМУ и на ДИК, со посебен фокус на точките кои се однесуваа на радиодифузните медиуми и изборниот процес. Целта на набљудувањето беше да се добие јасна слика за тоа како АВМУ и ДИК ги спроведуваат одредбите од Изборниот законик (ИЗ) и од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) кои директно се однесуваат на работата на медиумите за време на избори, но и да се добие јасна слика за тоа дали законските одредби се добри и како тие влијаат врз работата на радиодифузерите за време на изборните процеси. Имајќи го предвид значењето и улогата на јавниот радиодифузен сервис, посебен дел од овој изборен мониторинг ѝ е посветен и на Македонската радиотелевизија (МРТ).

Од спроведениот мониторинг на ЦРМ, произлегоа следните клучни заклучоци и препораки:

1.  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги премости недостатоците на Изборниот законик во делот на рамноправното претставување во вестите на МРТ, односно се обиде да им овозможи рамноправно претставување на вонпарлемантарните и новоформираните партии, со тоа што му препорача на јавниот радиодифузен сервис да обезбеди дополнително време од пет минути во вестите за претставување на кандидатите кои не се опфатени со Изборниот законик.

ЦРМ смета дека одредбите од Изборниот законик кои се однесуваат на дефинирање на поимите „позиција/власт” и „опозиција” (чл. 2, ст.1, т. 9 и 10), како и дел од одредбите кои се однесуваат на медиумското претставување (чл. 76-а, ст. 2 и 3), се непрецизни и оставаат простор за различни толкувања. Имајќи го предвид ова, како и  фактот дека на сите политички субјекти мора законски да им биде обезбеден фер и рамноправен третман во изборниот процес, ЦРМ предлага да бидат направени измени и дополнувања на Изборниот законик.

2. Анализата на Извештаите од мониторингот на медиумското покривање на јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните медиуми покажа дека АВМУ селективно ја спроведе методологијата за мониторинг на радиодифузерите. Во мониторингот преовладуваа квантитативните елементи, додека квалитативната анализа на медиумското покривање беше сведена на минимум особено во извештаите после првиот круг на претседателските избори.  Многу малку или воопшто не беше направена анализа на тонот со кој известуваат медиумите; на рамката во која известуваат за определени политички субјекти; на манипулативната употреба на филмови, слики и звуци; на изборот на зборови или реченици кога се известува за политичките субјекти или кога се презентираат информациите; на почитувањето на новинарските професионални стандарди; на присуството на говор на омраза и др. Отсуството на продлабочена и детална квалитативна анализа на медиумското покривање и комплетната доминација на квантитативните елементи, даваат нецелосна, па дури и искривена слика за начинот на кој медиумите информираа за време на првиот изборен круг.

Дополнително загрижува и инсистирањето на Претседателот на Советот на АВМУ,  без каква било методолошка основа, во првиот извештај да биде додаден параграф кој се однесува на Телма и 24 Вести и кој претставува паушален политички атак врз двата радиодифузери.

ЦРМ смета дека секаков вид на селективен мониторинг, без вклучување на квалитативните елементи, креира искривена слика за информирањето на медиумите за време на изборите, а секакво етикетирање на медиумите, без разлика дали е тоа направено во официјален извештај, или пак, станува збор за индивидуална изјава на некој од членовите на АВМУ, претставува директен притисок и атак врз медиумите и слободата на информирање.

3. Избегнувањето на квалитативната анализа и нагласувањето на квантитативните елементи од страна на АВМУ, како и недвосмислените и јасни констатации на ОБСЕ/ОДИХР за информирањето на МРТ за време на изборниот процес, укажувааат на тоа дека МРТ и натаму останува пристрасна спрема власта и дека сѐ уште не функционира како сервис на граѓаните односно како современ, непристрасен и професионален јавен радиодифузен сервис.

4. АВМУ покрена постапка за прекршување на изборниот молк против 24 Вести бидејќи оваа телевизија ја објави изјавата на актуелниот градоначалник на општина Куманово, кој во пресрет на изборниот ден, беше повикан на информативен разговор во полициска станица.

ЦРМ смета дека одредбите од членот 76-б, ст.3 од Изборниот законик, во овој случај ја ограничуваат слободата на информирање, како и начелото за навремено и објективно известување. Токму од тука извира потребата за измени и дополнувања на Изборниот законик со кои ќе биде прецизно дефиниран изборниот молк, а на медиумите ќе им биде овозможено, за време на изборниот молк, слободно и без какво било ограничување да ги информираат граѓаните за прашања од јавен интерес..

Едновремено, во јавноста треба да се поттикне дебатата за целисходноста на изборниот молк воопшто и секако, неговото влијание врз слободата на медиумите и правото на информирање особено во контекст на новите технологии  кои спроведувањето на изборниот молк го прават сè потешко и сè поневозможно.

5.  АВМУ поднесе барања за поведување постапки против  Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма, за генералното (не)почитување на одредбата од чл. 75, ст. 1 од Изборниот законик, која реферира на обврската радиодифузерите да ги покриваат изборите на правичен, избалансиран и непристрасен начин. За наведениот прекршок, Изборниот законик предвидува глоба од 3.000 до 5.000 евра, во денарска противвредност. Иако од извештајот на АВМУ е видливо дека определени радиодифузери, како Телма, биле на границата на (не)пристрасноста, додека Алфа, Алсат-М, Канал 5 и Сител биле отворено необјективни во корист на власта, сепак, предвидената глоба е еднаква за сите.

ЦРМ предлага измена на одредбите од чл. 181-а од Изборниот законик, со цел да се постави поширока рамка за санкционирање на евентуални прекршувања на одредбата од чл. 75, ст. 1. На тој начин, ќе се обезбеди поголема правичност при санкционирањето.

6. Во овој изборен процес, за Државната изборна комисија се наметнаа неколку прашања и дилеми поврзани со претставувањето на кандидатите на интернет и нејзината конкретна надлежност како стожерно тело кое има законска обврска да се грижи за спроведувањето на изборите. Други прашања што произлегоа се и тоа дали социјалните мрежи се медиуми и дали објавувањето на содржини на интернет за време на изборниот молк претставува негово кршење?

ЦРМ смета дека е потребна широка јавна и експертска дебата за тоа дали, на кој начин и до кој степен треба да се регулира интернет претставувањето.

Комплетниот текст на извештајот можете да го погледнете на интернет страницата на ЦРМ, www.mdc.org.mk, на македонски и на англиски јазик.

Во текот на јули, ЦРМ ќе подготви препораки за подобрување на изборното законодавство во делот на медиумите, кои ќе бидат резултат на претходни експертски консултации и анализа“, пишува во извештајот на ЦРМ.

Би можело да ве интересира

Течат роковите за приговори за изборите и инаугурација на новата претседателка

Димитриевски: Потврдивме минимум пратеничка група, ќе бидеме со граѓаните и ќе работиме за нив

Орце Костов

Број на пратеници: ВМРО-ДПМНЕ 59, ДУИ 19, СДСМ 18, ВЛЕН 13, Левица 6 и ЗНАМ 5

Орце Костов

Силјановска-Давкова: Има ли поголема промена од тоа што жена првпат ќе биде претседател

Орце Костов

Касами: Од утре почнуваат преговори за влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Влен

ВМРО-ДПМНЕ 227.944 гласови, СДСМ 77.658 гласови од 63% обработени избирачки места

Орце Костов