Црковно-народен собир кај Еленец во Македонска Каменица

Од:

Околу три илјади верници се собраа денеска кај манастирот Покров на Пресвета Богородица на локалитетот Еленец кај каменичка Цера на голем црковно-народен собир.

Собирот е во организација на здружението на граѓани „Еленец-Цера“, а е поддржан од Општина Македонска Каменица и локални фирми и институции.

Портпаролот на општината Васко Десподовски соопшти дека е организиран ручек за три илјади гости и оти  е организирана културно уметничка програма на која ќе настапат културно-уметнички друштва од Македонија, Романија, Унгарија и Србија.

– Како општина го поддржуваме овој традиционален црковно-народен собир, каде луѓето со векови доаѓаат на ова место точно на овој празник. За таа цел со наша поддршка имаме организирано настап на повеќе културно-уметнички друштва, а посетителите ќе имаат можност да уживаат во природните убавини на овој локалитет кадешто општината има доста инвестирано за да го наметне како туристичка дестинација, каде се спојува верското, духовното и природата, но и традицијата, изјави Десподовски.

Тој додаде дека манастирот „Покров на Пресвета Богородица“ кај Еленец, верниците го посетувале уште пред 1000 години.

– Постојат податоци дека уште од Римско време, верниците доаѓале на ова место, каде имало издлабена карпа и поставена икона пред која се молеле, а карпата стои и ден денес на Еленец и има света вода која верувале дека била вековита. Потоа овде се изградило мало манастирче веднаш до светата вода, за во 90-те години на минатиот век, манастирот да се изгради и да го добие денешниот лик, додаде Десподовски.

Пред пет години преку ИПА фондовите е изграден патот до Еленец, а се реконструирани и два од конаците кои се стари повеќе од еден век. Во минатото овие конаци ги користеле патниците кои одовде оделе на пазар во Кочани.

Црковно-народниот собир, кој традиционално се одржува на празникот посветен на Покров на Пресвета Богородица, ќе трае до доцните вечерни часови.

Би можело да ве интересира

Од понеделник во училиштата во Македонска Каменица ќе се интонира државната химна

Загина моторциклист во близина на Македонска Каменица

Пријава за поткуп за глас во Македонска Каменица

А1он

Сообраќајот кон Делчево и Каменица се пренасочува поради одрони

Жарко Настоски

Нормализиран собраќајот на регионалниот пат Делчево – М. Каменица

Жарко Настоски

Граѓанско учество во креирање на општинскиот буџет во Македонска Каменица

Ана Ололовска