ЦК на ВМРО-ДПМНЕ: Нема да го поддржиме договорот со Бугарија во предложената форма

Од:

ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи договорот за добрососедство во Парламентот на Република Македонија. Ова е еден од заклучоците од седницата на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ што се одржал синоќа.

Како што се наведува во соопштението, во однос на прашањето за Договорот за пријателство, соработка и добрососедство со Република Бугарија, по завршување на дискусиите на поголем број членови на Централниот Комитет биле сублимирани повеќе заклучоци.

ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува, оценува дека е добро да се потпише договор за добрососедство со Бугарија, заради зацврстување на соработката и пријателството меѓу државите и секако заради најавата на Бугарија дека поцврсто би го поддржала патот на Република Македонија кон полноправно членство во НАТО и Европската Унија.

– Од овие причини во времето кога ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше Владата на Република Македонија, низ повеќе години водеше преговори за усогласување на текстот на договорот, активност која беше завршена освен за неколку прашања за кои не беше постигнат договор и се бараше заемно прифатливо решение, се до моментот кога се постави новата марионетска влада во Република Македонија, стои во соопштението.

Овие незатворени прашања, како што се наведува, се однесувале на барањето на Република Македонија, како и во сите други договори на Република Македонија и Република Бугарија со сите други земји, да изостанат зборовите „согласно уставот“ кога станува збор за македонскиот јазик, со што ќе се отстранат наводите дека Република Бугарија дури 72 години по кодификацијата на македонскиот јазик, во 21-виот век не го признава македонскиот јазик и го смета за дијалект на бугарскиот. Барањето на Република Бугарија за промена на учебниците по историја во Република Македонија со која де-факто македонската историја, македонските историски личности и настани ќе се претстават како дел од историјата на Република Бугарија, со што во целост во учебниците во училиштата за следните генерации ќе се избрише македонската историја и ќе се формира комисија во овој правец за следење на спроведувањето на оваа одредба. Инсистирањето на Република Бугарија да стои во договорот дека Република Македонија и Република Бугарија имаат заедничка историја со заднина да се потврди тезата дека македонската историја е бугарска, што води кон тоа дека и Македонците се измислена нација од 1944 година наваму, и во тој контекст и барањето за заедничка прослава на историските настани и личности кои се автохтоно македонски како Илинденското востание, како и одредби во договорот со кои Македонија еднострано би се откажала од грижата за македонското национално малцинство во Бугарија.

Во соопштението се посочува дека по презентацијата на договорот пред пратениците во Собранието, кога премиерот Зоран Заев укажал дека текстот не е конечен и може да трпи корекции, било видливо дека Владата на Република Македонија ги прифатила позициите на Република Бугарија за сите спорни прашања, и оти било очигледно дека никаде во договорот не се спомнува македонскиот народ.

– Во таа прилика, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги дадоа своите конструктивни и добронамерни забелешки до Владата со цел текстот до моментот на потпишувањето да се подобри, а со крајна цел двете држави да се комфорни при потпишувањето, наместо кај едната да има чувство на победник, а кај другата чувство на поразен. И секако со цел и ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот на Република Македонија да даде поддршка на ваков значаен договор, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ посочува дека ниту една од нивните забелешки не била прифатена и оти сите спорни точки од договорот се прифатени согласно ставовите и позициите на Република Бугарија, по што уште еднаш ја повикала Владата до денот на потпишување да направи напори за промена на спорните делови кои можат да нанесат долгорочни штети по државните и националните интереси на Република Македонија и македонскиот народ, јазик и историја.

– Но, за жал и на овој апел до денес немаме позитивен одговор. Оттука, доколку работите останат вакви, Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека и покрај големата желба и искрена волја, ВМРО-ДПМНЕ нема да е во можност да даде поддршка на овој договор во Парламентот на Република Македонија, се потенцира во соопштението од ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, со сегашните одредби на овој договор, можеби не веднаш, но по една и повеќе години од неговото потпишување, во времето на неговото спроведување, Македонија ќе се соочи со сериозни проблеми, чие решавање ќе биде на штета на Македонија.

– ВМРО-ДПМНЕ под вакви услови не сака да ја споделува одговорноста која СДСМ ќе ја има пред граѓаните на Република Македонија и македонскиот народ, во ситуација кога СДС оди директно спротивно на волјата на мнозинството граѓани на Република Македонија, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека вакви крупни отстапки во овој договор од СДС за време на кампањата не најавила и од тој аспект СДС врши крупна изборна измама на граѓаните и долгорочна штета на македонската нација, народ, јазик и историја.

ВМРО-ДПМНЕ потсетува и дека еден ден, како и секој друг договор, и овој договор може да биде преиспитан и жали што двете преговарачки страни одлучиле набрзина, без инклузивност на сите политички фактори и стручната фела и неземајќи ја предвид волјата на македонскиот народ, ќе го склучат овој договор, со тоа ставајќи ја ВМРО-ДПМНЕ во позиција да не го поддржи договорот.

ВМРО-ДПМНЕ ги осудува и ги отфрла сите тврдењата дека била против влегување во НАТО и ЕУ, дека одработувала за Русија или дека била антибугарска партија. – Исто така за нас е навредливо ословувањето со македонисти наместо Македонци, се наведува во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ посочува дека политиката на СДС може да се казни на следните, локални избори, на 15 октомври.

– Незадоволните македонски граѓани не треба револтот да го насочуваат кон соседна Бугарија која како и секоја друга земја се бори за остварување на своите интереси, тоа е легитимен политички чин. Во овој договор претставник на македонската нација е Владата на СДС и целокупната одговорност е нејзина, стои во соопштението од ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН на прва средба за формирање на владата

Катерина Ѓуровски

Првата средба за договор за Влада, работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и на ВЛЕН ќе ја имаат утре

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Граѓаните да излезат на 8 ми мај и да гласаат, се работи за иднината на државата

ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти

Левица: Подаваме рака до ДПМНЕ, за заедно да не ги донесеме уставните измени

СДСМ: Опасни се најавите на ДПМНЕ за блокада на европскиот пат на државата