ЦИВИЛ најостро ја осудува постапката на донесување законски измени со кои се овозможува употреба на гумени куршуми и друго лесно оружје против демонстрантите. Имајќи предви дека овие законски мерки се носат во време кога на улиците демонстрираат илјадници граѓанки и граѓани против кршењето на човековите права, суспензијата на владеењето на правото и демократијата, ние ова го сфаќаме како закана од власта против граѓанките и граѓаните кои сакаат да го искористат своето уставно право на протест, велат од ЦИВИЛ.
„Пораката е јасна – ние сега ќе пукаме по вас, ако вие ги окупирате факултетите, ако ги блокирате улиците, ако демонстрирате против нас. Но, процесите кои се започнати во Македонија не можат да ги спречат ниту гумените куршуми ниту пак било каква насилна мерка. Нека пукаат!“ – изјави за повеќе независни медиуми претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
„Гумените куршуми се оружје кое демократските влади во светот одамна ги напуштиле, а Обединетите Нации во повеќе наврати ја суспендираат нивната употреба. Започнат е и процес за меѓународна забрана на гумените куршуми.
Иако се сметаат за несмртоносни, гумените куршуми убиваат, рануваат или оставаат трајни последици. Не помалку опасни се и шок бомбите и електричните парализатори кои се дел од законот донесен во собранието со 59 гласа и во отсуство на опозицијата.
Затоа, бараме законот со кој се дозволува пукање по демонстрантите со ова лесно оружје веднаш да се повлече“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.