„ЦИВИЛ – Центар за слобода ја поздравува одлуката на ДУИ која доцна синоќа ја соопштија претставници на оваа партија. Сега е време да се дејствува согласно Уставот и законите без ниеден миг одложување.
Императиви за Република Македонија сега се враќањето на демократијата, владеењето на правото и итно ослободување на институциите на државата од долгогодишното ропство наметнато од политичките партии и други структури на моќ во земјата.
Оттаму, во овој пресуден миг, најважно е Собранието на Република Македонија да продолжи со работа и да изгласа влада која ќе ги исполни итните реформски приоритети и ќе го врати курсот на земјата кон евроатлантските интеграции.
Република Македонија изгуби премногу време. Секој нареден ден што ќе се изгуби, ја турка земјата во се поголема неизвесност и хаос.
Политичкото насилство мора да престане веднаш, а одговорните за негово поттикнување и организирање мора да се соочат со полната сила на законот. Тоа важи и за оние што не преземаат соодветни законски мерки за превенција, поточно МВР и ОЈО.
Итно мора да се спроведат препораките од Извештајот на Прибе, Договорот за надминување на политичката криза (Пржино), препораките на Високата претставничка на Европска унија за заедничка надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, како и на релевантните експерти и граѓански организации во земјата.
Тоа подразбира и итни реформи во изборниот систем и медиумите во пресрет на локалните избори кои треба да се одржат во мај.
ЦИВИЛ останува на ставовите и препораките објавени по изборите во декември 2016. Меѓу препораките на ЦИВИЛ се и:
Итна реформа и деполитизација на Државната изборна комисија, како и истрага и ревизија за работата на оваа институција. Ревизија на изборниот материјал и дополнителни постапки за идентификување на одговорните за сериозните изборни нерегуларности и нивно повикување на одговорност. Итна ревизија на Избирачкиот список мора да спроведе реформирана ДИК, на начин што ќе обезбеди максимално почитување на правото на глас.
Понатаму, мора да се обезбеди непречена работа и продолжување на мандатот на СЈО, соодветно на барањата на оваа институција и препораките од релевантни ентитети. Потсетуваме дека, за кратко време, СЈО обезбеди масовна поддршка од граѓанките и граѓаните, благодарение на професионализмот и бескомпромисната заложба за правда.
Во оваа прилика, ги алармираме институциите и јавноста дека политичките одлуки мора да останат независни од работата на институциите на правдата и дека амнестија за претходните дела не смее да има.
За дополнителна поддршка и информации за сите останати препораки, извештаи и анализи, ЦИВИЛ стои на располагање на јавноста, институциите и политичките партии“ соопштуваат од ЦИВИЛ.