„ЦИВИЛ – Центар за слобода ја изразува својата поддршка и упатува искрени честитки до Специјалното Јавно обвинителство за професионалноста, посветеноста, доследноста и храброста.
Наспроти сите опструкции на власта во текот на преговорите за надминување на политичката криза, наспроти медиумската хајка на режимските новинари, наспроти дискредитацијата која доаѓаше од државни институции и политички партии и отсуството на соработка од Советот на Јавни обвинители, и низа други проблеми со кои се соочуваше во изминатите месеци – храбриот тим на Специјалната Јавна обвинителка Катица Јанева, денеска ги покажа првите резултати од својата макотрпна работа, конечно да им застане на пат на бескрупулозните злоупотреби и криминали на власта.
Ова е ден за паметење!
Овие вести ќе ги израдуваат многумина, кои долго време очекуваат конечно да завладее правото во Република Македонија. Газењето на човековите права и слободи, дискриминацијата, структурното насилство и изборните кражби во изминатите години, за кои ЦИВИЛ говореше постојано и гласно во своите извештаи од дологорочното набљудување, влегуваат во првата, рана фаза на својата разрешница.
Свесни сме дека пред нашата земја има уште многу предизвици и тешкотии, дека патот до враќањето на владеењето на правото, почитувањето на Уставот и на човековите права и слободи е долг и макотрпен. Затоа, ги повикуваме граѓанките и граѓаните да ја искажат својата доверба и со тоа да помогнат во работата на СЈО и на другите институции кои се одважиле да работат во служба на јавниот интерес, како и да споделуваат информации со ЦИВИЛ за нивните искуства и сознанија за злоупотребите и притисоците.
ЦИВИЛ останува посветен на својата работа и ќе продолжи со несмалено темпо да набљудува и да ја известува јавноста состојбите на теренот“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.