Во основното училиште „Блаже Конески“ во прилепската населба Варош, во стилот на толку сатанизираниот од актуелната власт – југословенски систем, на ѕидот висат фотографии на високи партиски функционери на владеачката партија, како и на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп.
Училиштето има едвај триесетина ученици, а директорката, м-р Марија Дулева, како истакнат и ревносен член на ВМРО-ДПМНЕ, толерира ваква вулгарна партиска пропаганда и манипулација со малолетните ученици, кои ѝ се доверени од родителите за воспитување и едуцирање, а не за индоктринација од мали нозе!
Фото-колажот кој се наоѓа во холот на малото училиште го сочинуваат фотографии од политички говори, партиски церемонии „чиноначалствувани“ од градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, како и фотографии од пратениците Ане Лашкоска и Димитар Стевананџија и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп и претседател на Советот на Општината, Никола Димески.
Се поставува прашањето дали државниот просветен инспекторат ја забележал оваа манипулација (тешко е веројатно дека ја нема забележано или досега не е иформиран, со оглед на тоа дека спорните фотографии висат во училишниот хол од поодамна), и зошто сé уште го толерира овој недопустлив потег на малтретирање на деца со партиска пропаганда?
Ако во поранешниот режим едноумието било фундамент на одржливоста на Комунистичката партија, како актуелните борци за демократизација на веќе чеврт век плуралистичката Македонија, го толкуваат овој срамен обид за партизираност дури и на најмладите учесници во образовниот систем и дрското наметнување на политички ставови и определби на локалните чиновници? Зарем постојат и такви просветни работници, припадници на чесната и една од најхуманите професии – за кои децата не се ништо повеќе, освен материјал за моделирање на потенцијални партиски војничиња?
Тоа се прашања врз кои институциите мора да се замислат и час поскоро да одговорат со доследно почитување на демократските стандарди.