„ЦИВИЛ – Центар за слобода го поздравува продолжението на работата на работните групи на политичките партии – потписнички на Договорот за надминување на политичката криза во Република Македонија. Свесни сме за тоа дека партиите се наоѓаат пред одговорни задачи пред државата и општеството и секое одлагање или кршење на преземените обврски од Договорот може многу да ја чини иднината на земјата и на сите граѓанки и граѓани во неа.
Ја користиме оваа можност да ги потсетиме политичките партии и сите директно инволвирани во преговорите на сите наши препораки и коментари објавени од почетокот на јуни наваму. Сите тие се објавени на нашата веб страница, од кои само еден е текстот под наслов За Македонија се потребни вистински демократски реформи.
Ние, како претставници на граѓанското општество, со нашите предлози и експертизи во голем број области релевантни за политичкиот процес, можеме да дадеме драгоцен придонес и да помогнеме процесот да добие легитимитет.
Иако преговорите се одржуваат зад затворени врати, а јавноста и граѓанското општество не се директно вклучени, процесот во целина е многу комплексен и опфаќа многу повеќе засегнати страни, како што се помалите политички партии, граѓанските организации, медиумите, а над сѐ, граѓанките и граѓаните на нашата земја. Затоа, потребно е овој политички процес да биде инклузивен и транспарентен, без оглед на затвореноста на директните преговори.
ЦИВИЛ ќе биде на располагање за консултации во текот на преговорите и процесот во целина и ќе продолжи со набљудувањето на спроведувањето на Договорот, како и на сите аспекти поврзани со изборниот процес.
ЦИВИЛ веќе формира голем број набљудувачки тимови кои работат од јануари 2015 година, а паралелно со тоа, формира и експертски тим составен од претставници на ЦИВИЛ и ГОНГ (Хрватска) кои се на располагање за јавноста, политичките партии и институциите. Експертите на ГОНГ од Хрватска ќе бидат во Скопје од 28 август до 2 септември, а агендата на нашите заеднички активности во тој период дополнително ќе ја соопштиме“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.