ЦИВИЛ – Центар за слобода го поздравува продолжувањето на процесот за надминување на политичката криза во Република Македонија со изборот на Специјална јавна обвинителка. Учесниците во преговорите покажаа дека можат да се придржуваат кон крајните рокови околу кои се согласија со договорите од 2 јуни и 15 јули. На Специјалната јавна обвинителка ѝ посакуваме многу храброст и среќа да се соочи со тешките предизвици кои се пред неа. Тоа, впрочем, го порачува и граѓанската платформа „Ајде!“ во својот повик „Обвинителке, многу работа ве чека!“.
Преговарачите беа исправени пред една тешка задача, избор на специјален јавен обвинител, која ја исполнија во последен момент, но остануваат низа други аспекти, како што се изборот на тимовите, финансирањето и низа други, за да се обезбеди независноста на оваа институција.
Специјалната јавна обвинителка мора веднаш да се зафати со предметите за тешки злоупотреби и за криминал, кои се поврзани или произлегуваат од прислушуваните разговори што ги објави опозицијата. Но, не смее да се заборави и безбедносната криза во Куманово на 9 и 10 мај годинава, за која постојат индиции дека во неа се инволвирани високи државни функционери. Изминува петтиот месец од оваа трагедија, но сомнежите останаа.
Ги потсетуваме преговарачите дека сѐ уште се чекаат одлуки за реформи и измени во областа на Изборниот законик, на Државната изборна комисија, на Избирачкиот список, како и долгата низа обврски кои ги презедоа во оваа област. Констатираме дека ни оддалеку не се преземени никакви чекори во овие области, поради опструкциите од „една од најголемите партии“, како што рече меѓународниот посредник Питер Ванхуте. Со тоа, целиот процес се доведува во сериозен ризик, а најмногу барањата за обезбедување услови за слободни избори.
Понатаму, не се преземени никакви чекори за кревање на медиумскиот мрак кој владее во земјата веќе со години. Медиумската манипулација, говорот на омраза, задушувањето и дискредитацијата на критичката мисла во земјата продолжуваат со несмалено темпо. „Едната од најголемите партии“, учесничка во преговорите, продолжува со злоупотреби, за што зборуваат извештаите на ЦИВИЛ од теренот.