ЦИВИЛ – Центар за слобода, соопшти дека го поддржува ставот дека плакатот за најавениот денешен протест против исламизација на Крива Паланка е говор на омраза на верска основа.
Во продолжение го пренесува интегралното соопштение на Платформата (Хелсиншки комитет за човекови права, МИМ, ЦИВИЛ, Метаморфозис, Пактис), како реакција на говорот на омраза врз верско убедување:
„Во текот на вчерашниот ден, на социјалната мрежа Фејсбук беше забележано споделување на плакат со следниот текст: „Протест против исламизација на Крива Паланка, петок 6.11.2015, 13.30 ч. Соларски мост“.
На дното од плакатот, со црвено се пречкртани слики на пет исламски верски објекти, односно џамии. Платформата против говор на омраза, најстрого го осудува говорот што се користи во плакатот и смета дека тој претставува говор на омраза кој предизвикува омраза и нетрпеливост врз верска основа. По социјалните мрежи и на медиумите, веќе се забележуваат реакции на граѓани предизвикани од ваквиот говор.
Споделувањето на плакатот се појавува како реакција на почнатата изградба на православна црква пред зградата на Општината Крива Паланка, за која градоначалникот на општината, Арсенчо Алексовски, на прес-конференција изјавува дека има соодветна дозвола, иако за одредени советници тоа е спорно. Во неговиот говор, градоначалникот известува дека градењето на православна црква или какви било други верски објекти не претставува нарушување на правата и на чувствата на другите верски заедници, истакнувајќи дека додека е тој градоначалник, ќе се градат единствено објекти на православната вероисповест. Како реакција на оваа дебата, меѓу граѓаните се почнува со иницијатива за собирање потписи против изградба на џамија во Крива Паланка. Наредниот ден се објавува споменатиот плакат, кој поттикнува нетрпеливост кон граѓаните од исламска верска исповест.
Напоменуваме дека во согласност со Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви во слободите и во правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Истовремено, во член 19 од Уставот се гарантира слободата на вероисповеста, како и слободата на практикување верски и религиски обичаи на сите верски заедници во Република Македонија. Дополнително, предизвикувањето и ширењето омраза, раздор или нетрпеливост врз верска основа претставува кривично дело предвидено во член 319 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Република Македонија е обврзана со уставните и со законските одредби да го обезбеди непреченото почитување на правата и на слободите на сите граѓани на нејзината територија, без оглед на нивната етничка и верска припадност. Поради тоа, повикуваме надлежните институции да преземат соодветни чекори за да се спречи употребата на говор на омраза при повикување на јавни собири, за да се спречи ширењето на нетолеранција меѓу верските заедници, нивно прераснување во дела од омраза и на никаков начин да не се ограничат правата на припадниците на сите верски заедници присутни на територијата на Република Македонија.“