Активисти на политичка партија им се заканувале на гласачите во едно беровско село дека ќе ги убијат и дека ќе им го запалат имотот доколку не гласаат за нивната партија, информираат од Цивил за една од најрадикалните форми на притисок врз граѓаните во текот на овие избори.
За гласачи од Пустец,, кои во избирачкиот список фигурираат во голем број на една иста адреса, сведочат и од невладината организација Цивил, која ги мониторира избирачките места со околу 140 набљудувачи. Претходно објавивме дека гласачите на Пустец се на избирачките места низ Центар, што го потврди и оваа невладина организација.
„Во општина Центар е прилично тензично. Според извештаите, гласачи од Пустец се распоредени на повеќе гласачки места низ општината и предизвикуваат револт кај граѓан(к)ите кои се јавуваат во Цивил и реагираат преку социјалните мрежи“, стои во вториот извештај на Цивил за забележаните недоследности низ избирачките места.
Оттаму посочуваат дека се забележани голем број изборни нерегуларности, за кои известуваат постојаните и мобилни тимови на невладината, но и одреден број граѓани кои се јавуваат на дежурните телефонски броеви на Цивил. Во општините од внатрешноста се детектирани притисоци на гласачите од страна на државни службеници и лица кои се политички инволвирани. Овие партиски активисти ги принудувале гласачите, организирале превоз за групно гласање, а во неколку земјоделски општини на граѓаните им се заканувале со кратење на субвенциите, вели Цивил.
Тензична атмосфера беше забележана и во Кочани каде, дознава невладината, во текот на минатата ноќ од страна на полицијата биле приведени десетина активисти на една партија кои делеле пропаганден материјал. При приведувањето, додаваат, на еден од нив нив му се влошила здравствената состојба, по што бил пренесен во болница. Според најновите извештаи, од приведените едно лице сè уште е во притвор, додека другите се ослободени. Полицијата во овој град е со засилено присуство, стои во извештајот.
Според Цивил, во едно гласачко место во Кочани забележан е обид член од избирачката комисија на еден гласач да му даде две гласачки ливчиња. Купувањето гласови во оваа општина е регистрирано во повеќе случаи. Исто така, се регистрира голем број случаи на семејно гласање во ромските населби. Се забележува дека наводно неписмени лица бараат помош, за подоцна истите да се појават како асистенти на други лица, кои, исто така, се претставуваат како неписмени.
Во Велес, како и претходно во Скопје, лица кои се починати сè уште фигурираат во избирачките списоци како гласачи.
На гласачкото место 2172 во Велес забележано е групирање пред гласачки места од страна на припадници на една агенција за обезбедување, во сопственост на приврзаник на една партија, што е директен притисок врз граѓаните. Истата агенција организира и превоз на гласачите до гласачките места. Во селата Иванковци, Долно и Горно Оризари партиски активисти и вработени во администрацијата им се закануваат на дел од граѓаните со укинување на субвенции.
Во Могила се регистрирани повеќе случаи на прекршување на изборниот молк со агитирање пред гласачките места, како и со телефонски повици до гласачите. Дел од Могила снема струја денеска.
Се забележува семејно и групно гласање во Битола, Старо Нагоричане, Гостивар, Чаир, Тетово, Теарце, Струга, Јегуновце и на други места.
Притисоци и попречување во работата на набљудувачите на Цивил и други организации се случија и во попладневните часови на повеќе места низ земјата, додаваат оттаму.